Страшо АНГЕЛОВСКИ

Секако, на прв поглед, насловот на текстов делува контрадикторно, за некого можеби и неверојатно. Но, да одиме по ред.

Се’ започнува кога во средината на минатиот век, комунистичката, марксистичка идеологија, преоблечена во рувото на либерализмот, стана владеачки “либерален“ начин за американско освојување на светот. Па, тезите на Маркс за одумирање на државата и за интернационализација на човештвото, станаа носечки идеи во американската долгорочна стратегија. Само, од тогаш, со современиот “либерален“ речник тие се нарекуваат “отворено општество“ и “глобализација“. Истовремено, во американската долгорочна стратегија се предвиде воспоставување на “Пакс Американа“ (Pax Americana), или, империјално, хегемонистичко владеење на САД со светот.

Во неговото остварување, бидејќи африканските и азиските земји, вклучително и Кина, која, во тој период, се’ уште беше релативно економски и воено неразвиена, воопшто не беа сметани за сериозни препреки, а јужноамериканските земји беа сметани за дворчето (back yard) на САД, единствени пречки беа постоењето на Советскиот Сојуз и независните развиени европски држави и нивните избрани раководства.

Од тука натаму, се’ е историја. Сведоци бевме на распадот на Советскиот Сојуз, осмислен и реализиран од канцелариите во Ленгли (седиштето на ЦИА), падот на Берлинскиот ѕид и обединувањето на Германија и, замена на советската “комунистичка окупација“ во земјите од Варшавскиот пакт, со “либералната (новата комунистичка) окупација“ на САД и неговата ударна тупаница – НАТО, како и замена на избраните со инсталирани раководства.

Истовремено, започна реализацијата на идејата на Паневропското движење на браќата Вартбург од 1925 година, едни од најголемите поддржувачи на нацизмот, интензивно разработувана во Владата на Адолф Хитлер, за создавање европска наддржава, која ќе го раководи европскиот континент. Така формираната европска наддржава, во која земјите членки ќе го пренесат својот суверенитет, е замислена како продолжена рака на американската надворешна, хегемонистичка, глобалистичка политика, преку која САД ќе ги контролираат европските држави се’ до нивното ослабување до ниво да бидат самостојно нефункционални. Или, како европска надвлада, која им ги диктира политичките, економските и општествените процеси на државите членки.

ЛИБЕРАЛИЗМОТ ВО УНИШТУВАЊЕ НА ЧОВЕШТВОТО

Либерализмот, како владеачки начин на освојување на светот (бидејќи не претставува идеологија), полека но сигурно тргна во уништување на се’ дотогаш функционално и блиско на човековата природа.

Најпрво, го уништи класичниот капитализам кој произведуваше материјални добра како основа за создавање нови вредности и опстанок на државите преку полнење на буџетите, па воведе виртуелни економии засновани на допечатување зелени банкноти до бескрај, на кредити без покритие, на инвестициски фондови за лесноверни, на… Преку измислениот “ефект на стаклена градина“ и “зелената агенда“ забрани дел од носечките индустриски гранки, а сега го уништува и сточарството како носечка стопанска гранка во некои европски држави, уништувајќи им ги фармите со крави бидејќи, замислете, нивниот измет, преку гасовите што ги испушта, влијаел на глобалното затоплување.

Потоа ги уништи националните армии преку либералните НАТО стандарди кои, наспроти во регуларниот воен рок подготвените млади мажи полни со патриотизам и љубов кон татковината која треба да ја бранат, предвидуваат платеници (најчесто со сомнително криминално минато) мобилизирани во американската армија, преку членот 5 од неговиот Статут, да бидат ударната тупаница при евентуална војна…

Па, ги уништи дотогашните политички идеологии, левата, онаа социјалдемократската, која успешно применета, посебно во скандинавските држави, создаде успешни, социјални општества, наспроти сегашните “либерални“ вредносни системи, кои создаваат општества на социјални случаи и; десната, онаа конзервативната која создаваше моќни државни механизми потпрени на производство, пазар и валути со покритие, наспроти сегашната либерална, таканаречена граѓанска десница, која, за жал, не се раководи според политичките законитости на идеолошката десница, туку според “либералните“ вредносни системи.

Притоа, следен чекор треба да биде замена на обезличените “леви“ и “десни“ либерални идеологии со “граѓанскиот сектор“, односно се’ поприсутните, како печурки после дожд, невладини организации. Со тоа, треба да се обесмисли политичката битка во нудење идеи и визии за остварување на националните и државни интереси и постоењето на национални држави и нивни влади и, широко да се отвори пат за целосно функционирање на европската надвлада инсталирана од САД и, еден ден и светска надвлада формирана во Вашингтон.

Како припомош во остварувањето на либералната агенда се користи системот на апартхејд, или владеење на малцинството, па, таканаречената “меѓународна заедница“ (онаа севрноатлантската), со 16 проценти од светското население треба да воспостави политичка власт на светско ниво; групата Г 7 и “друштвото“ од Давос преку своите механизми ММФ и Светската банка треба да ја воспостави малцинската економска власт; а преку ЛГБТИ (и така натаму) малцинството, да воспостави (не)морален апартхејд на искривените вредности врз мнозинските вредности на огромниот дел од човештвото.

ИНСТАЛИРАНИТЕ НАСПРОТИ ИЗБРАНИТЕ

Многумина, во своите анализи, често знаат да речат дека индустријата, стопанството и економијата на Европската Унија, после специјалната воена операција во Украина, се наоѓаат во криза, или, со еден збор, дека ЕУ се наоѓа во криза.

За жал, ЕУ како бирократска творба, која нема своја индустрија, стопанство и економија, туку функционира како надвлада отуѓена од државите членки, не само што не е во криза, туку и ги зајакнува своите бирократски капацитети. Заради односот на инсталираните европски бирократи кон светските случувања, во криза се државите членки на ЕУ, нивните индустрии, стопанства и економии и нивните избрани влади.

И, бидејќи благосостојбата на западните демократии се потпираше на три столба – евтиниот руски гас, златото и рудните богатства од Африка и евтината арапска нафта, а бирократите од ЕУ успеаја да го сопрат рускиот гас заземајќи страна во судирот во Украина, најверојатно ќе ја сопрат и евтината нафта исто така заземајќи страна во агресијата врз Газа и, полека но сигурно провоцираат сопствено протерување од африканските држави, им ги уриваат столбовите на опстанок на сопствените држави членки.

Тоа, веќе претставува скриена војна на отуѓените европски бирократи против сопствените држави од кои доаѓаат. За жал, во многу случаи, длабоко потпомогнати и од националните влади на државите членки, во кои, исто така, постојат инсталирани раководства, кои, климоглаво ја следат пропаста на сопствените држави, поддржувајќи ја бесмислената европска наддржавна стратегија.

За среќа, покрај Виктор Орбан во Унгарија, кој до скоро беше единствениот премиер на држава членка на ЕУ, кој се залагаше за заштита на националниот и државниот суверенитет и интереси, веќе се појавуваат и други политичари со интегритет, избрани од сопствениот народ, а не инсталирани од “либералните“ глобалисти. Тука се левичарот Роберт Фицо во Словачка, десничарите Јорг Мејтен во Германија и Герт Вилдерс во Холандија. Сите овие веќе и објавија отворена војна на бирократската структура во Брисел заради заштита на националните и државните интереси.

Потребно е час поскоро луѓе со интегритет да се појават и во останатите европски држави и ЕУ да се врати на благородната и функционална идеја за сојуз на суверени држави од Лисабон до Владивосток, како единствена гаранција на европскиот мир, во кој, секоја држава, штитејќи ги сопствените национални и државни интереси и суверенитет, ќе го штити и суверенитетот на ЕУ како заедничка творба и, од ЕУ ќе создаде фактор во меѓународните односи, наместо американска монета за поткусурување.

И ние овде, во Македонија, пред да биде предоцна, мора да се вклучиме во оваа битка.
(авторот е претседател на МААК)