Страшо АНГЕЛОВСКИ

Некаде на почетокот на јуни годинава се одржа самитот на групата Г7 и самитот на НАТО, на кои американската администрација сакаше да ја прикаже целосната кохезија  на САД и западните сојузници  како сојуз на светските демократии наспроти авторитарните режими на Русија и Кина, а Бајден, не само како претседател на САД, туку како предводник на “Западното царство“.

На самитот на Г7, кој се одржа во Лондон, британскиот премиер Борис Џонсон наметна идеја групата Г7 да се прошири со Австралија, Јужна Кореја и Индија, со што би прераснала во Г10, на што најостро се спротивставија Франција и Италија, бидејќи така, според нив, оваа група би се трансформирала во “антикинеска коалиција“.

Истовремено, преку Атлантскиот совет е донесен и “Нацрт трансатлантски план за стратегиско спротивставување на Кина“, во кој се предвидува Европа да го понесе најголемиот товар во военото спротивставување на Русија, а САД со својата оружена сила да се фокусира на Кина.

Со ова, американските демократско-неоконзервативни стратези сакаат да го избегнат принципот на едновременост (simultaneity) во конфронтирањето со Москва и Пекинг, бидејќи во таков случај нивниот пораз би бил неминовен.

AUUKUS – логичен след на нештата

Уште пред британското излегување од ЕУ пишував дека Велика Британија го забрзува брегзит-от бидејќи се очекува нова “Јалта“, или нова распределба на сферите на влијание  меѓу големите сили, а Лондон сака да се најде на едно од столчињата во собата во која ќе се дели пленот. Останувањето во ЕУ секако дека ќе и го оневозможеше тоа, бидејќи остатокот на светот во меѓународните односи гледа на ЕУ како на заеднички надворешнополитички фактор. Фактор кој, за жал, не е тоа.

И, бидејќи поголем дел од европските држави, членки на НАТО не се подготвени за какво било конфронтирање со Кина, формиран е новиот, англосаксонски воен сојуз AUUKUS ( почетните букви од имињата на Австралија, Обединетото Кралство и Соединетите Американски Држави), кој треба да го контролира Индо-Пацифичкиот регион, а во кој, според американските стратези во блиска иднина треба да се приклучат и Јапонија, Нов Зеланд , па дури и Виетнам.

При формирањето на овој воен сојуз, а после шестмесечни тајни преговори, австралиската страна го раскинува договорот со Франција за изградба на нуклеарни подморници вреден околу 60 милијарди долари и ист таков договор потпишува со САД. Со тоа, САД ја казнува Франција за спротивставувањето за прераснувањето на Г7 во Г10, а истовремено успева да ја создаде “антикинеската коалиција“ на која Франција жестоко се спротивстави.

Истовремено, напуштајќи го Авганистан, американските стратези и официјално отстапија една цела комплетно воено опремена држава на исламскиот радикализам. Само наивните не треба да очекуваат дека сите можни исламистички радикални фракции ќе најдат свој “дом“ во Авганистан.  Со тоа, САД се повлекува од Блискиот исток и Северна Африка (MENA) и фокусот на своето делување го префрла на средниот и крајниот исток, со акцент на Кина, но и Индија, а нестабилноста на Блискиот исток му ја препушта на Авганистан, односно на радикалните исламистички структури. Тие, имајќи сега држава за себе, преку Узбекистан и Таџикистан ќе се обидат да се инфилтрираат во Републиките со муслиманско население во Руската Федерација, но и преку ранливиот Пакистан во кој и досега беа присутни, се’ до Индија.

Од друга страна, според американските стратези, на ЕУ и се препуштаат влијанијата во Украина, Грузија, Белорусија и Молдавија заради дестабилизација на Русија, со што САД со своите англосаксонски партнери може да и се посвети на, според нив, во моментов поопасната Кина и на веќе предвидената војна против неа.

ДОМАШНИОТ ЕСАП НЕ ИЗЛЕГУВА НА ПАЗАР

Но, дали ќе биде токму така останува да видиме.

Разочараната и понижена Франција најверојатно нема да седи со скрстени раце, како и Германија на која постојано и се поставуваат сопки во профункционирањето на гасоводот “Северен тек 2“ кој го гради заедно со Русија. Најмалку што може да се очекува е дека овие две држави трескавично ќе го забрзаат создавањето на заеднички европски воени сили, како пандан на англосаксонскиот тукушто формиран воен сојуз и, дека се’ повеќе ќе ги ослабнуваат врските со НАТО како американска испостава во Европа.

Оние најсмелите дури предвидуваат дека Франција, која еднаш веќе го стори тоа, повторно ќе се повлече од НАТО. И повторно, со слоганот на Шарл Де Гол во чие време се случи тоа – за Евроазија од Лисабон до Владивосток.

Останува да видиме како ќе се развиваат работите, бидејќи ниту Русија со својата воена моќ, со своето најсилно оружје – енергенсите и, со својата развиена дипломатија, нема да седи со скрстени раце. Некаде од заветрина, работите ги набљудува и официјална Анкара, која, доколку успее да најде каков таков заеднички јазик со официјален Париз во Либија, може да даде поддршка на една можна соработка на Москва, Париз и Берлин.

Како и да е, моќта и кохезијата на НАТО слабее, за што е доказ и молкот на инаку громогласниот Столтенберг за многу понебитни прашања од ова. Можеби многу скоро ќе се покаже како точно предупредувањето на сите здравомислечки луѓе во државава дека не треба да се брза со потпишување на капитулантски договори со Атина заради влез во еден военополитички сојуз.

Многупати пишував дека во политиката примарна е државата и нејзиното функционирање, а секундарни се осојузувањата од каков било вид. Зашто државата е нешто трајно и вредно, а сојузите се времени колку и да му изгледаат вечни некому.

За жал, само на Заев и компанија, за кои и чуварот во американската амбасада е авторитет пред кого треба да се наведнат, тоа не им беше и се’ уште не им е јасно.

(Авторот е претседател на МААК)