Во времето на комунизмот, она на поранешната СФРЈ, се сеќаваат повозрасните, постоела можност да се појавиш пред тогашните институции и да побараш пензија бидејќи храбро си се борел во војната што изминала, доколку со себе донесеш двајца сведоци кои ќе го потврдат тоа. Па така, наспроти оние кои навистина војувале и страдале, се појавиле илјадници луѓе пред одговорните служби со двајца свои пријатели, роднини, соседи, другари, сеедно, подготвени да потпишат дека се сведоци на твоето учество во ослободителната војна.

И, не е битно што ти ниту си се борел, ниту си ја помирисал војната, па дури ниту писма не си носел како дрварчето Трајче, битно е дека двајцата сведоци се тука, дека ја потврдуваат твојата храброст во војната. И оп, намуртениот службеник удира печат во твојата книшка и ти стануваш борец кој учествувал во војната, добиваш боречка пензија и фалсификувано го празниш пензискиот фонд. Затоа што двајцата “неприкосновени“ сведоци велат така.

Денес, за жал, повторно го живееме удбашкото време на двајцата сведоци. Но, овојпат многу пожестоко, уништувачки. Овојпат, со лажното сведочење на двајцата сведоци не се празни пензискиот фонд, туку се уништува една држава. Оваа, нашата, македонската.

Имено, знаеме дека на 27 април минатата година на насилен и нелегитимен начин, на нелегитимно продолжение на собраниска седница, без официјален записник, без што инаку не може да се одржи ниту седница на месна заедница, беше избран нелегитимен претседател на парламентот. Лажен, фалсификуван претседател. Но, за жал на правото, правдата и демократијата, тој, си повика двајца сведоци со кои веќе пет минути по нелегитимниот избор, па до ден денес го докажува својот лажен легитимитет. Сведоци од Брисел и од Вашингтон. Сведоци кои лажат без око да им трепне, без трошка морал и достоинство. Па, свесни за лагата во која не внесоа, свесни дека нелегитимниот избор на фалсификуваниот претседател на Собранието, сите политички одлуки од тогаш до денес ги прави нелегитимни и фалсификувани, цело време, во оваа година и половина, повикуваат уште и уште сведоци, кои со повторување на лагите треба да го засилат впечатокот за божемна легитимност.

Па така, секоја неолиберална мајка, што изгубила дете, корумпирано политичарче, може да си го најде овде, на аеродромот, каде го дочекуваат со метли во рацете, пред Владата на РМ каде го дочекуваат со погрешно знаме, кај лажната власт која ги дочекува лажните сведоци.

Зошто токму сега го пишувам ова?

Затоа што според најновите најави од Брисел и Вашингтон, се подготвува уште една измама со лажни сведоци. Тие, според најавите, би го признале како успешно референдумското изјаснување, кога и да се случи, доколку на него излезат само околу 700.000 гласачи од кои околу 550.000 би гласале “за“. Значи, повторно лажно би сведочеле не осврнувајќи се ниту на Уставот, ниту на законите на нашата држава, Република Македонија, ниту на демократијата во која се колнат. Арно ама, како и со последните парламентарни избори, не им излегува сметката, па во игра го уфрлаат Уставниот суд. Оној истиот Уставен суд, кој молчи за сите неуставности што ни се случуваат во изминатава година и половина, но, кој експресно најде време да се произнесе токму по прашањето за референдумот. И можно е, на утрешната седница, да го пододложи малку неговото одржување, како што на двапати се одложуваа последните парламентарни избори додека не се стокми бројката најблиска до можноста за избор на лажен, фалсификуван претседател на Собранието.

Сега, можеби повторно им треба да си дадат време да присоберат барем 700.000 ливчиња, што “за“, што “против“, заедно со наполнетите кутии во албанските средини, зашто како што им порача Ким Мехмети “вие немате албанци за гласање, туку ги имате експертите од ДУИ за полнење кутии“. Можеби ќе го одложат доколку не се се уште ослободени од македонските затвори сите албански криминалци, кои полнејќи кутии треба да го избришат македонското постоење.

Тогаш,кога ќе бидат сигурни дека референдумскиот инжeнеринг е блиску до посакуваната бројка, ќе го одржат референдумот, па со околу 700.000 уфрлени ливчиња, наспроти Уставот и законите, ќе го прогласат за успешен, а двајцата лажни сведоци,од Брисел и Вашингтон, како во времето на најцрниот комунизам, со своето сведочење, ќе го озаконат фалсификатот. Веднаш, уште во 19 часот, на денот на неговото одржување. Но, доколку и сите ослободени албански криминалци, се уште не им ја гарантираат бројката од 700.000 ливчиња, можно е, Уставниот суд, на утрешната седница, да го оцени Референдумот како неуставен, па, тој и да не се одржи.

Без разлика на се, потоа следува вториот дел од сценариото.  Па, нелегитимниот претседател на парламентот, би закажал итна седница, на која, со 81 глас “за“, доколку успеат да уценат, заплашат или купат доволен број пратеници, ќе ја изгласаат спогодбата за бришење на македонската држава и македонскиот народ. Доколку не, ќе ја усвојат, повторно надвор од Уставот и законите, со онолку пратеници колку што ќе имаат на располагање. Се разбира, со итен потпис од страна на двајцата лажни сведоци од Брисел и Вашингтон.

Ете така, со комунистички методи, со двајца лажни сведоци кои потврдуваат лаги и фалсификати, се обидуваат да уништат една држава и да избришат еден народ. Ние, Македонците, според мудроста на нашите предци, имаме обврска на лагата да и ги скусиме нозете. Имаме обврска  да ја сочуваме државата и да го продолжиме постоењето како македонски народ. Зашто вистината, моралот, честа и достоинството се нашето оружје.