Општина Аеродром утрово поднесе иницијатива до Град Скопје за изнаоѓање ново сообраќајно решение на булеварот „Србија“ за зголемена безбедност во сообраќајот. Ова се случува по синоќешната сообраќајна несреќа во која 61-годишна жена го загуби животот, а нејзиното тригодишно внуче е тешко повредено.

– Нашите служби реагираа веднаш по немилиот настан што се случи доцна синоќа на овој булевар. Општина Аеродром континуирано работи на зголемување на безбедноста на сообраќајот на улиците што се под нејзина надлежност со цел да ги превенира ваквите настани и да ја зголеми свеста кај учесниците во сообраќајот, се вели во соопштението од општина Аеродром.

Во рамките на овие активности, неодамна беше поставена хоризонтална и вертикална сигнализација пред училиштата „Блаже Конески“, „Александар Македонски“ и пред клонот „Сонце“ на градинката „Бубамара“ во Реонски центар Аеродром. Ваква сигнализација во моментов се поставува и пред основното училиште „Браќа Миладиновци“.