Дарко ЈАНЕВСКИ
Сабота навечер, недела наутро, густ мрак, време кога можеби би требало да се пишува за Месечината, облачињата и пеперутките кои додека ние постарите седиме дома, ги движат младите, им го зголемуваат адреналинот и им даваат енергија. Време кога треба да се пишува за убавите страни на животот.
Ама ете, главата ви ја преплавуваат криците на живи изгорените од Тетово и најновата одлука на обвинителската „елита“ која дефинитивно го затвори случајот. Првично, така што за пожарот ги обвини директорите на тетовската болница, кои врска немаа со монтажната болница (таа им беше донесена и поставена и никој не ги праша за тоа), па дури и еден лекар кој потоа под притисок на јавноста беше ослободен, а сега, со одлука на скопското, наводно, специјализирано обвинителско одделение на Ислам Абази (мајтап терате со нас, нели?) и со тоа дека немало криминал во набавката на болницата.
Супер. Значи, се било во ред. Болницата била набавена по сите прописи, била безбедна, што е најважно, нели, со сите документи и салтанати, ама ете, еден кабел ја за*бал работата. И животот на 14 луѓе и нивните семејства.
Тоа што монтажните панели, какви што не би ставиле ни во вашата шупа, изгореа за пет минути и тоа што не видовме по кои тоа стандарди болница се гради со „пурпена панели“ кои повеќе служат како оние славни „хепо“ коцки што се користеа за потпалување на печките, отколку како градежен материјал, тоа веќе не е работа на нашето обвинителство и судство. Така?
А, случајот требаше до сега сто пати да биде разрешен. Не во стилот „кабелот е крив“. Јасно е тоа за секого. Освен за обвинителско судската македонска трагедија. Која досега требаше да биде растурена. Почнувајќи од оние трагедии во Судскиот совет и Советот на јавни обвинители. Нови закони со кои се распуштаат постојните состави (вистинскиот речник е дека треба да се исфрлат низ прозор, а не да се распуштат, ама ете да бидам културен) и се избираат нови, со примена на „чек и баланс“ системот (по кој знае кој пат повотрувам). Што е основа на секоја правна теорија за постоење на три независни власти. А тие распуштените, надвор од правниот систем на РМ.
Ене, има место на некоја пруга во Железници, да се поминува по неа и со железна шипка да се проверува дали шините на топлово се искривоколчиле. И тоа е правна материја, нели? Како да проверите правото да не станало криво.
Впрочем, Американците не го решија проблемот со Ал Капоне се додека не го уапсија него. Лично и персонално. Оној што и самиот не знаеше колку луѓе убил фрлајќи ги со бетонски чевли на дното од океанот. Нам бетонски чевли ни се залиени од овој османлиски башибозук и тој не држи на дното. И уште, ви се молам, бараат, со тие бетонски чевли на нозете, да им даваме по 3000 евра нето плата. Со што, Македонија може дефинитивно да се збогува од себеси.
Таа Македонија за која „војуваме“ со Бугарија, бранејќи ги Гоце, Даме, Карев, Сандански, одејќи наназад до Самоил, кого предавничката банда веќе ни го продаде во претходниот период, па сега се обидуваме барем да го изневелираме.
Но, ако тие 3000 евра поминат, ако помине тоа дека тие се недопирливи, дека можат без контрола да го аминуваат секој криминал во оваа земја, тогаш зошто, еден убав ден, кога пак ќе ни наместат некое криминално здружение на власт, да не поминат и тие идеи за продажба на Гоце, Даме и другите, за кои сега грчевито држиме фронт. Фронт, кој некои од нас ги чинеше живот, други здравје, па на две-три години одат во некоја од болниците на „одмор“, трети ги чинеше нешто друго, четврти… не е ни битно. И сето тоа, додека „шарените“ и „почитувани“ членови на ова општество таложеа милиони и купуваа плочки за в кујна. Но, како беше она – кој за што учел! Зар не?
И не знам тогаш зошто е битно што на Абази му истекува мандатот на 28 октомври. Неговиот заменик ќе го избира овој Совет на обвинители и тоа е затворен круг. Мафијата само ќе избере нов Ал Капоне на системот. Ништо друго. Може тоа да биде и самиот Артан Груби. А зошто да не? Што е разликата?
И навистина, зошто да не? Што би бил полош Артан Груби од системот во кој тој Абази е некаква величина, во кој пурпената од која се правела болница е во ред, во кој Вилма, Кацарска, потоа оние чии имињата не ги знаеме, а кои седат во апелационите и врховните нивоа и кои одобруваа се што се правеше и забошотуваше, се некаква вредност.
Така што, пораката е – гледајте да не изгорите, оти тоа може да ви се случи и кога ќе отидете во болница. И вие нема да се вратите, а тие кои ќе останат после вас нема да добијат ни елементарна правда. Гледајте и снаоѓајте се – секој сам за себе. Украдете, збогатете се… А ако при тоа изгорат 14 луѓе – тоа е нивен проблем. Никој не ги терал да се најдат таму каде што има оган и да одат во болница. Можеле на мир да умрат и дома. Барем телото немало да им биде јагленосано во болница наводно направена по сите стандарди. Навистина? А, обвинители? Или вие само малку си терате мајтап?
И кога така стојат работите, тогаш бадијала е да се обидувате да ги поправите другите делови од системот. Еве, на пример, што му се случило на еден скопјанец пред 10-тина дена, а тоа може да се случи на секој од вас.
Одите во 6 наутро во Ургентниот центар на Мајка Тереза во Скопје. Се виткате од болки. Ве примаат, ви земаат крв, ама резултатот ќе биде за некој час. И ви даваат упат, да одите на некоја од клиниките, да ви направеле ехо. Како да одите до таму, ако едвај нозете ви се движат, а болката ве пресекува на половина? Ваш проблем. Ако попат цркнете, ми вели овој човек, никому ништо. На педесет метри од влезот на Клиничкиот центар има погребално, така што средена е работата. Тие барем, што би рекол м’сје Алфонсо од славното „Ало, ало“, работат „брзо, ефективно“ и што е најважно – „со стил“!
Добро, што е – тука е. И тргнувате. Од Ургентниот центар кон клиниката. Одите на коленици, така како што верниците на островот Тинос во Грција ползат на колена по специјалната патека која води до црквата Успение на Пресвета Богородица.
И, некако стигнувате до клиниката. Ве прегледуваат, си мислите сега ќе добиете помош, ама не – оттаму нашиов пријател го вратиле назад на Ургентен. Исто како и вас, ако не дај Боже ви се случи ова. Чекај малку, па едвај сте дошле до овде, како ќе се вратите назад? Повторно Ваш проблем. Во Македонско село за тие што не можат да одат по нагорнина, има возило. Ќе ве однесе од влезот до ресторанот. Овде, не! Овде на коленици и ползење 100 метри. Оти ве боли, ве кине, а и нозете не држат сосема. Е, сега, ако умрете попат – да сте здрави и живи нели? Така беше или беше „другите да се живи и здрави“!?
Арно ама, не само што ќе треба да се вратите назад на Ургентниот центар додека се тресете од болки, туку прво треба да одите на шалтерот на конкретната клиника, да ви ставеле печат. А тој шалтер не е тука каде ве прегледале, туку некаде во пи*ду материну. Добро, се тркалате некако и до таму, сте дошле овде во шест, сега е пет до осум, арно ама шалтерот работел од осум. Ај беља. А ви треба само печат.
А зад шалтерот веќе има некој, ама тој не бил за тоа. Не бил за печати. Скопјанецов не знаел дека за ставање печати на некаков извештај треба да постои посебен оддел и посебен вработен, ама ете и тоа имало.
Но, ете го осум часот. Доаѓа втор од таа страна на шалтерот, вие конечно здивнувате, вели скопјанецов, ама и тој не бил за ставање печати. Оти тоа е нуклеарна физика. Нели? Во меѓувреме, на шалтерот гужва, неколку пензионерки се буткаат, ги преместуваат документите обидувајќи се нивниот да биде прв, создаваат нервоза, воздух се помалку, ви се чини ќе паднете… – за конечно во осум и пет-десет да се појави Сулејман Величествениот, тој што бил за ставање печати. Оти тој првиот и овој вториов не биле за тоа. Осум и десет е, вие се уште се виткате од болки, ама среќен што сте добиле печат, се враќате назад на Ургентен. Така ви рекле. Откако претходно сериозно зажалувате што не сте во состојба да влезете зад оној шалтер и на сите тројца да им мавнете по една воспитна. Онака, како што го правеа тоа уличните мангупи во скопските маала.
Како и да е, доаѓате назад на Ургентен, така ви рекле, ама сега нов проблем – таму не знаат што да прават со вас. Никој не ве ни погледнува. Докторката ја нема, две жени зад шалтерот нешто глумат зафатеност, а вас ве боли, ве пресекува… И тогаш, нашиов пријател сфатил дека треба да сврти некои телефони и да заврши работа. и би светлост, што би рекол Јован Богослов. Ама, што со оние кои немаат телефон односно броеви во телефонот?
Подоцна испаднало дека тој има мулти-проблем што го закачил во стресното шарено време кога предавниците ашикуваа низ Македонија, и дека сега, малку по малку, ѓаволот доаѓа по своето. Но, во секоја несреќа – среќа. Зашто, замислете, таа што го примила на Ургентен, да видела дека тој не е за една, ами за четири клиники и во шест наутро да му дала упати за ползење до сите четири. Па потоа да треба да оди на четири шалтери. Ќе се самоубиев, вели тој.
И каква врска има оваа приказна со убавиот стручен лик на Абази и на Артан Груби? Па има! Има врска и со пожарот во Тетово. Зашто тие се порака дека Македонија боледува и дека нема да се излечи ако не се почне од главата. А главата е во овие убави фацички кои го аминуваа безредието. И кои треба да се распуштат, се извинувам – да се исфрлат. За потоа да се тргне кон средување на целиот систем. систем, кој патем, не мора да го чека Абази, за да го среди проблемот со Ургентниот на Клинички. Тоа може веднаш да се реши. Оти Клинички не е црквата Успение на Пресвета Богородица на Тинос. Таму ползат тие што сакаат и веруваат. Овде тие што мораат.
Патем, за крај, да потсетам дека пред две седмици напишав неколку редови за тоа дали сме глупави. Потоа си велев, да не сум погрешил. И во истиот момент, во глувото доба на ноќта, ми падна на памет дека пред неколку часа гледав на една телевизија, чиј газда не излегуваше од панталоните на Сашо Мијалков, газда кој потоа ја истетовира „Северна“ таму каде што е срцето, е на таа ТВ двајца т.н. аналитичари и си велам, ако оваа група газди, директори, аналитичари, уредници се намножиле, а ги има богами како троскот, тогаш Дарко, не си згрешил. Кога вакви луѓе имаат некаква улога во ова општество, кога кон сето таа епидемија на глупавост, во ова општество многу се засекиравме зошто странците кои возат со 160 км на час по автопат и практично се закануваат дека ќе ве убијат, сосе вашето семејство, ако им се најдете на патот, биле казнети па морале да чекаат на граница, тогаш ние навистина сме глупави. И тоа епохално!
И, ете го, се разденува, децата со пеперутки, облачиња и слични работи сигурно веќе се прибраа дома, време е за спиење, а овие редови ќе ги читате попладне. Нека ви е пријатен и убав денот!




