Дарко ЈАНЕВСКИ
Со денови веќе може да се прочита или чуе, посебно на опозиционите медиуми, од разочарани комуњари или не знам какви веќе не „експерти“, посебно правни, од „шарени“ до „еднобојни“, од лубриканти и куртони, од правоверци и атеисти, од соросови и антисоросови првоборци против режимот, од Мујо и Хасо, па се до Фата и мали Ѓокица, недостигаат само уште Бубо Каров, некакви синолички и слични интелекти, за тоа каков бил Заев, па каква била Катица Јанева, па не знам СЈО било вакво или онакво, и да бидам искрен, понекогаш човек се прашува, вреди ли за тоа да се каже нешто повеќе. Мислам, при ваква поплава од умови, како и при секоја поплава, човек треба малку да бега подалеку од водата, зар не?
Но, сепак, па макар не вредело, ајде колку да остане запишано:
-Ако некому му требале три години за да види кој и каков е Заев, тогаш проблемот не е во црпнатиот од нивата, туку во тој на кој му требале овие три години. Оти Заев не рече вчера дека е црпнат од нива лично и персонално од Господ (иако него би му личело да бил црпнат истовремено и од Отецот и од Синот и од Светиот Дух) за да ја спаси Македонија, туку пред неколку години. Повеќе од три.
-Зашто Заев, исто така, не рече вчера дека ќе јадат живи луѓе, туку пред седум-осум години. Не рече вчера дека ќе избркаат од чистачка до директор за да вработат свои, не рече вчера за жицата македонска, не рече вчера „едно евро за Вицето, едно за црквата“, не отиде вчера да го уценува Груевски со нелегални снимки, не рече вчера дека треба да свиткаме кичма пред Грците, не се колнеше вчера дека нема да го смени Уставот, не велеше вчера дека се е во главите на вмровците, не прогласуваше вчера медиуми за непријатели број 1 на СДСМ, не велеше вчера дека нема зијан ако солфеж се учи на албански јазик во Прилеп, не им се закани вчера на сите обвинители и судии дека ако не играат по негово ќе ги смени…
Ама, по ѓаволите, некој дури вчера сфатил каков е Заев. А, дури и Амди Бајрам, со неговиот раскошен ум и префинета изнијансираност која му игра низ душата додека го слуша Моцарт и гледа Модиљани, уште првиот ден го скенираше муртинецот. А ваму, види те молам, бањатата елита на Северна се мачела, се тегобела дури три години за да го сфати тоа. Фактот што на таа „бањата елита“ сега свршуваат и небањатите вмровци или ако сакате, што на таа „бањата елита“ небањатите вмровци се радуваат како бебенце кое сфатило дека наместо кашичка со брокула сте му донеле чоколада, а до вчера од истата „елита“ беа бањати со кофи наполнете таму некаде крај Камениот мост каде истекува една голема цевка, е тој факт е веќе друга приказна. Ама тоа е веќе друга стратегија која ние глупавите не ја сфаќаме. Таква стратегија имале и партизаните и комитите, нели? Тие не сакале да ги победат непријателите, туку да ги придобијат. А тоа што го има во учебниците за победата на партизаните, тоа веројатно е исто така дел од нашата фалсификувана историја. Ако ми е дозволено да забележам. Да? Во ред тогаш. Многу ви благодарам!
-Сега, сите се нешто шокирани, „изненадени и навредени“ од Катица Јанева и СЈО. Па, таа била ваква, таа била онаква, иако, рака на срце, има и такви кои се бетер од овие, па велат дека ако еден поединец бил расипан, тоа не значело дека и другите од СЈО се такви. Што се повеќе ме убедува дека најмалку еден од оние седум дена кога ја создавал Земјата, Бог имал пивнато малку, ама ај да не го лутам…
-Меѓу оние изненадените се и тн. „експерти“ кои сега со деновиве ни излегуваат од секој „вмровски фрижидер“, а кои пред некоја година илјада рала од нивните скапи опинци искинаа за да го востоличат СЈО и да ја крунисаат Јанева на престолот од Самоил. Како сега со такви да се разбереш, да се објасниш, кога, од самиот старт беше јасно дека СЈО е неуставен монструм и дека од неуставен монструм не може да произлезе уставен и законски чувар на државата од криминалот. Од монструм може да излезе само нов монструм. И тоа, нема врска со фактот дали на чело на тој монструм била Катица Јанева или некој друг.
-Така доаѓаме до главната поента. Катица Јaнева и таа нејзина шарлатанска тајфа од СЈO која не уценувала само раскалашани бизнисмени, туку кого стигне и со што стигне, по принципот „дај што имаш“, не ќе можеше така и до толку да се однесува како турски башибозук ако беше уставна категорија. Односно, ако беше во рамки на редовното обвинителство. Тоа, лејки мили и драги, ви го кажувавме секој ден. Не дека во редовното и уставно обвинителство работата е „чиста вода“, но сепак, друга е ситуацијата. Уставно-законскиот систем сепак има брани кои колку-толку ја држат водата, иако понекогаш и ја пропуштаат. Но, не за да ја урнат браната и поплават државата.
-За разлика од тоа, некаков си „експерт“ кого ете го наведувам како пример за општата недоветност која не зафати (по ѓаволите, кој се во оваа држава не ни е претставен како експерт) на телевизијата на Макпетрол своевремено тврдеше дека СЈО било формирано зашто не функционирало редовното ЈО. Демек, ако е СЈО неуставно, што ви е гајле. Што отприлика значи дека ако некој судија не осуди некој убиец на смртна казна или доживотен затвор, па вие заклучите дека редовното судство не функционира, ќе формираме преку судови надвор од Уставот и ќе ја решиме работата со стрелања по кратка постапка. Одговорот на таквиот шарлатанизам, кој при формирањето на неуставното СЈО поддржан од адвокати, професори по право и професори по неправо, професори по се и сешто и професори по ништо, поддржан и од т.н. новинари, еве го по четири години од формирањето на тоа СЈО! Дали СЈО функционира како што треба? Не! Дали во меѓувреме профункционира и редовното ЈО? Не! Што добивме? Дупло голо. Рекет со две дна.
-Што тогаш сега треба да се направи? Па, за почетокот доволно би било ваквите „експерти“ да ги фрлиме надвор од струката. На некое ѓубриште. Наместо и натаму да ги третираме како да имаат барем неколку грама сива функционална маса во черепот. А, токму тоа што не треба, токму тоа се прави и токму од страна на тие на кои таквото нешто би требало да им биде последна мисла во главата.
-Да одиме понатаму. Не само што формиравме неуставно СЈО, туку за да може тоа да заживее, го згазивме Уставниот суд. Врвниот орган кој треба да ги штити уставноста и законитоста во оваа држава, го исплукавме со политички шарлатанизам на генетски модифицирани кокошки и петлиња само и само за да не го поништи Законот за СЈО. Дали тоа тотално газење на правната држава го виде Катица? Го виде. Па ако тоа е така, ако заради нејзе (односно тоа што таа треба да го испорача) е уништена државата, каква и да била, зошто тогаш да не ги полева со утринска урина сите останати? Всушност, и не мора да го прави тоа. Се сеќавате на глумата на Фатиме на прес конференциите? Се сеќавате на арогантноста на сите тие 12-мина? Мислите дека се до толку глупави, па не знаеја дека сите оние документарни странски филмови за нив, сите тие репортажи, приказните за Чарлиевите ангели по странски медиуми, се наместени? Знаеја! Зошто тогаш мислите дека не влегоа во филм дека се нешто посебно, дека од нив зависи судбината на НАТО, на ЕУ и на светот, зошто тогаш мислите дека не влегоа во филм дека всушност, нивната урина е преелитна за да ја трошат со полевање врз вашите безвредни, ништожни глави? Во крајна линија, ако тие го спасуваат светот, зошто тогаш попат и да не изрекетираат малку? Жаренце, Орценце, Сиљанче… кого стигнат. И тоа лесно можеше да се предвиди. Ако се сака.
-Да продолжиме. Еве само еден пример. Прочитајте го обвинението за „насилствата во општина Центар“. Страотно смешно. Секој ден од „Шарената револуција“ всушност беше ист. Зар не? Но, помина. Како што помина и пресудата за мерцедесот. Глупавост до бескрај. Но, местенката помина. И така, имаме згазен Устав, имаме згазен Уставен суд, имаме фрлено на буниште редовно ЈО и имаме местени пресуди, односно комедија од судство. Дали тоа Катица и компанијата не го видоа? Го видоа! И денес го имаме одговорот на тоа што тие го виделе. А одговорот е – можеме да правиме што сакаме. Од формирањето до денес. И сега, пази богати, сите биле шокирани. Што е отприлика како да најдете специјалист лекар кој ќе се шокира и ќе почне да корне коса во стилот „дали е тоа можно“, ако му донсете пациент со цироза кој 20-30 години наназад пиел по литар алкохолол дневно (всушност, вистински лекар навистина би бил шокиран ако таквиот човек издржал 20 години, но…). Оние, пак, барем со малку медицинско школо и малку ум, цирозата би ја виделе наназад, во првиот ден од тие 20 години кога келнереот го донел на маса првиот литар алкохол и кога тој литар го снемало истиот ден, а потоа, следниот ден следело второто шише… И тогаш би вреснале, тогаш би ја корнеле косата, а не денес.
Значи, треба сега да цртам дека истата цироза беше видлива и тогаш кога се носеше Законот за СЈО, сеедно дали на чело на Обвинителството ќе биде Јанева или некој друг (наспроти тоа, се сеќавам како еден вмровски шутрак, кој, инаку лани на 30 септември излезе да гласа на референдумот и ги убедуваше и сите други тоа да го сторат, тогаш се фалеше дека го „заебале“ Заев и дека странците му се смееле позади грб)?
Нормално, можеме да разговараме за тоа како тој некој друг би се однесувал за разлика од Јанева, но да не се лажеме: нерегуларен систем како СЈО, поставен надвор од регуларниот систем, не може да не се однесува нерегуларно. Впрочем, во војните во екс СФРЈ, кој ги направи најголемите злосторства? Паравојските! Зошто? Затоа што беа паравојски! Затоа што беа систем, надвор од системот. Затоа што беа СЈО со оружје. Што е различно од тоа што денес ни се случува со „Рекет“? Ништо. Дали Катица и останите не го видоа и знаеја ова? Дали не знаеја дека се „елитна“ паравојска надвор од системот создадена за да се испорача Северна? И го видоа и го знаеја. Зошто тогаш сета изненаденост и навредност на „експертската“ ни и „избањатата“ јавност од Катица? Па згора на тоа, уште и ум продаваат. Ја караат. Ха, молчеа кога Заев однапред ги соопштуваше пресудите, сега дојдоа до тоа Боки 13 да ни ги составува. Што сакаат сега? Ах, да, да си ги измијат задничињата!
-Во меѓувреме се случија дивиот избор на Талат, согласно на тоа и дивиот избор на Заев за премиер (се извинувам што зборувам за овие табу теми во Македонија), пресудите за „27 април“ на Кацарска по обвинение на Рускоска, референдумот кој пропадна, но беше признат како успешен наспроти документот на ДИК дека тој отишол во мајчината, а со него и прашањето за Северна, „славното“ изгласување на Уставот со проевропските и пронатовски демократски капацитите на Мукоски, Бетка и да не ги набројувам сите по ред… И, мислите Катица не го виде тоа газење на Уставот? Го виде. Катица не знае дека ова сега не е „заробена држава“ туку „див запад“, што подив не може да биде? Или кажано на балкански, Катица не знае дека ова е башибозук кој влегол во селото, силувал што можел да се силува, убил што може да се убие и потоа ги запалил сите куќи? И сето тоа објавено во Службен весник со потпис и печат на кој стои „Блескаме“. Плус 40 000 долари за ќеркичката на „татичко“.
Па, ако тоа е така, зошто СЈО би било исклучок? И на сето тоа, изненадени и навредени „експерти“ и „тапоглавци“ со статус на интелектуална елита, посебно оние кои денес, затоа што се изненадени и шокирани и не знам што, не можете да ги симнете од опозиционите медиуми, молчеа! Е, да, Катица го гледала тоа пред вас и се смеела. Го гледаа тоа и останатите единесетмина. И удриле луѓето. Зошто да не. Ах, да, да се вратам на главното – сето ова беше предвидливо уште кога се донесе Законот за СЈО. Не во детали, нели. Но колосекот беше тој. И сето тоа сме го кажале и напишале. Што е тогаш ново во ова што се случува?
-Одиме понатаму. Дузина случаи се покренати, вклучувајќи го и Империја, после рокот во кој СЈО можеше да гони. Значи, имаме неуставен Закон за СЈО за неуставни и незаконски снимки, и згора на тоа имаме дека СЈО дури ни тој неуставен Закон со кој е основано и постои, не го почитува. И тоа исто така помина. Дали некој од тие што после тоа биле рекетирани кажа некој збор тогаш? Сите тие се јавни и влијателни личности. Не! Не кажа! Дали некој од тие што ги промовираа Чарлиевите ангели кажа нешто околу тоа? Не! Дали некој од тие наши „велелепни експерти“ кои сега пак ни дрндаат за правна држава како што дрндаа и кога се погоре кажано ни се одвиваше пред очи и можеше да види дека ќе се случи, кажаа нешто? Не! Па кој таков, нека ми прости заедницата на „такви“, тогаш мрчите сега (ете, и јас да го цитирам нашиот Ајнштајн по интелигенција кој, што би рекле неговите гавази, со смртта се соочи за сега ние да живееме слободно)? Така што, ај сега барем малку бидете ноеви. Сега кога треба, зашто ноеви бевте тогаш кога не требаше. Пачаври едни. Иако, рака на срце, подобри сте од оние кои уште не признаваат. Вие барем сте стигнале до периодот кога на Земјата почнале да се спојуваат водородот и кислородот. Кај и да е, за неколку милиони години ќе ве има и меѓу првите пет сликички од албумот „Животинско царство“.
Ех, да, и како сега ќе се реши овој проблем? На македонски начин – со создавање нов, поголем проблем наречен вметнување на СЈО во новиот закон за ЈО и создавање специјално судство. Со снимки, со пари, со се. И со Рускоска и Кацарска кои сега го знаат сето тоа што го знаеја и Катица и останатите од СЈО кога беа формирани. Само напред!