Дарко ЈАНЕВСКИ

(текстот е преземен од ФБ профилот на авторот и не ги одразува нужно ставовите на Денешен.мк)

Стефан Богоев си замина во домашен притвор. Дал гаранција од 55 илјади евра. За 55 илјади евра излегуваш на слобода. Дома, кај женичката која не колнеше по референдумот дека сега името Македонија ќе ни ги хранело децата, кога веќе не сме ја сакале Северна. Ете, после го сменија името и очигледно, Северна, ги нахрани и нејзините деца и нејзиното маженце.

55 илјади евра не се многу пари. Но, како за кого. Јас не знам како се печалат толку пари. Добро, можеби не сум баш од најпаметните, всушност, не „можеби“, туку „сигурно“ не сум од нив, ама тоа не пречи некој попаметен да ми каже како еден градоначалник, па потоа директор на Царина, од плата, колкава и да е таа, ќе спечали 55 илјади. Евра. Да не зборуваме за оние 350 илјади на судијата скриени во плочки од кујна, кои, нели, не биле на судијата. Никако! Всушност, се се тоа од родителите. Кои пак вредно работеле на нива. Да! Нема друго! Кој ми виновен мене што татко ми не работел.

И Артан Груби си е дома. Не се сеќавам за колку пари беше неговото обвинение. Нема проблем ни за Капушески и Јахоски. Ниту за Васко Ковачевски. За Заев и првата тајфа околу него и да не зборувам (всушност, зборувам секоја недела, ама…).

Но, ако имате проблем, а сте обичен, просечен граѓанин на оваа држава и ако се најдете пред обвинител и пред судија, затворски притвор не ви гине ни за 100 грама чоколадо. И тоа оние од 50 денари, од Европа, со ориз. Додуше не сe ни 100 грама, туку 80. И не ми се допаѓаат.

Не дај Боже (секогаш го пишувам со голема буква, иако често ми ги кине нервите) пак да се разболите и да ви требаат пари за лечење. Оти една работа е што покрива Фондот, друга работа е што се’ ви треба кога сте болни. Има луѓе кои земаат кредити. Заглавуваат. Финансиски, психички, емотивно… На постојната болест, си доведуваат уште една. Ама важно, мажето на онаа што ни зборуваше за името и за тоа дека името сега нека ни ги хранело децата, си е дома. Со гаранција од мизерни 55 илјади евра, кои пак, за 90 отсто од Македонците се недофатливи за цел живот (ако добивате просечна плата, за тие пари ви се потребни 6,1 години, под услов да не јадете ништо, да немате сметки, да не купувате облека…). Па, сето ова, на крајта се сведува на тоа што би рекол еден господин од Бугарија: „И те така те…!“

Ама срамот одамна ги напуштил овие простори. Изгледа и Господ. Некои велат – он праќа сигнали. Па он, семоќен е, семилостив е за среќа на луѓето или е испраќач на сигнали? Ама настрана тоа, мубаетот ми е за срамот и за оној Слаткар, кој, читам, ќе имал концерт. И тоа, ни помалу, ни повеќе, на 2 август. Има ли поим тој, како и онаа што пееше во американската амбасада, па нели, случајно ги заборави во химната Гоце, Даме… па после ги тетовираше, всушност имаат ли поим луѓето од тој ков, баталете ги овие двајца, од тој ментален склоп, што се Илинден и Илинденското востание? Илјадници убиени, илјадници жени силувани, илјадници набодени на бајонет, илјадниици куќи запалени, илјадници деца останати сираци… Сираци! За Македонија! За потоа, 100 и кусур години подоцна некој да им пее за Северна? Некој да вади од џеб 55 илјади и да излегува на слобода кај неговата женичка? Друг да си купува плочки за в кујна… И никому ништо! Срам? Не, не, каков срам. Зборот треба да се избрише од речникот!

Ех, да, да не ја заборавам канонадата за тоа дека Мицкоски зборувал по телефон со Савески. Добро, и? Што со тоа? Во држава во која Заев и Шеќеринска на Катица и на тајфата (чиј милионски предмет за бонусите, ако не се лажам, заврши со никому ништо) – Ленче, Фатиме, Гаврил – им делеле предмети и нарачувале потоа пресуди, во држава во која Кацарска е уставен судија, а Уставниот суд абер нема кај тера и што прави, во држава во која Рускоска мирно си ја троши државата пензија, во држава во која дузина апелациони судии и врховни судии и нанесоа штета која не се мери и нема да се оправи со години, а тие и натаму се со сите влакна на главата, е во таа држава, проблем било што Мицкоски зборувал со Савески. Сериозни сте?

А, тој, не треба да зборува со него. Савески е предлог на Владата, и Мицкоски и Владата не треба да му делат предмети како Заев и Шеќеринска, белким знаат дека ни на сон не се на исто ниво, ама треба да му висат над глава. За сите оние предмети што биле наместени, за сите оние предмети што се држеле во фиока. Што се криеле, што се чувале. Ама не! И тоа што се криеле предмети и што тие кои ги криеле се уште ги плаќаме одвојувајќи од устите на нашите деца, не е проблем, нели? Ама телефонскиот разговор е проблем? Што би рекол Цицерон: „O tempora, o mores!“

Овој пат ќе бидам краток, па политичкиот дел на овие редови ќе го завршам само со брилијантното интервју на претседателата Сиљановска за МИА. Македонија е среќна што ја има. Штета само што не беше во континуитет со Иванов, туку мораше да има прекин со несреќата меѓу нив. Ама, здравје! Тоа сме ние! Тоа е нашата повремена слика.

Патем, некои госпоѓи прочитале (им благодарам, иако не го сакам тој збор кога станува збор за одредени луѓе) дека во три наутро – време кога демоните шетаат наоколу, а светлината се уште спие, немирно, ама спие – значи во три наутро кога обично пишувам (денеска, за среќа, по долго, долго време, ги пишувам овие редови во нормално време) им крадам од чоколадите на децата. Па ми купиле по едно за нив, ама едно и за мене. Да не им крадам. Е, добро, ама сега им крадам од сладоледот. Оти пуста душа, не издржува. Има свое, ама да земе од туѓото. Психологија, нели?

И за крај, една сосема друга тема, без ни најмала намера да навредам нечии чувства. Ама само сакам да прашам. Имено, еден католички свештеник објаснува зошто постои болка во светот. И дека таа болка всушност била добра. Па, наведува пример. Детенце имало проблем со забот. Мајка му му ставала масло од, мислам дека беше каранфилче, ама сеедно.

Забот продолжил да прави проблеми, па татко му го однел на стоматолог. Тој му го извадил забот, при што детето чувствувало болка. Што е лошо, нели? Болка е болка. Никој не ја сака. Ама таа болка била нужна, вели свештеникот, зашто постоела инфекција и постоела опасност инфекцијата да го затруе целиот организам. Значи, според него, Господ испратил сигнал со проблемот со забот (пак е сигнализатор, нели, наместо да спречи воопшто да се појави проблем), тоа довело до одење на стоматолог и болка, ама таа била полезна и добра зашто спречила поголема болка – сепса (патем, за да избегнам нечии мудрувања, јасно ми е дека ако има причинител за болка, а вие не ја чувствувате – имате сериозен проблем, но во овие редови, прашањето е од сосема поинаква природа).

Така? Добро. Само јас би сакал да знам која поголема болка се спречува со помала болка кога деца умираат од канцер? На пример, 13 годишно дете од канцер на панкреасот. Ако сте пак атеист, би сакал да знам како тоа совршената природа, која создала така совршено суштество како човекот, суштество кое мисли, кое има свест (за која, д-р Мајкл Егнор, неврохирургот од Њујорк со кого МИА исто така имаше интервју, тврди дека постои и по смртта и тоа го утврдил по 7000 извршени операции на мозокот), суштество кое има чувства, кое сака, мрази, се смее, плаче… како тоа така соврешено суштество се разболува уште во првите неколку години од своето постоење. Природата (а веројатно и Господ), велат, некаде греши. Таа која, на пример, ги создала розеви, црвените, шарените цвеќиња, пчелите, колибрите…, која ги создала Бетовен, Моцарт, Ван Гог, Сезан, Толстој, Балзак, Иго, Ремарк… и нивните дела? Не ме зезајте. Ама, јас немам одговор.