Пишува: Дарко ЈАНЕВСКИ

Еве веќе неколку дена се отепавме од докажување дека Бугарите во Втората светска војна биле фашисти. Што, изгледа, ни ја полни душата. А, и таа на Заев.

Зашто тој ни ја фрли коската. И откако ја загризавме како бесни кучиња, Заев се јави како спасител: не било спорно дека Бугарија била нацистичка, ама да не сме го обележувале целиот народ! Како да напишеш дека Бугарија и од нејзе изведените придавки биле нацистички, а во исто време и да не напишеш, не е сосема јасно, но битно е дека „финтата“ на Заев успеа. Ни го стави морковот пред нос како на магаренца и на крај дури не не почасти со истиот морков, туку не погали по „мудрите“ главчиња и не смири. И пак испадна како оние од избор на мис на ова или она, кои се за мир низ светот!

А, всушност, по сериозната хаварија со Филипче, Заев тргна во акција за спасување на мотор-другарчето. Па, откако не му успеа јадицата со т.н. нон пејпер, на која се фатија само пар кленови, акцијата „Сите во одбрана и заштита“ на ликот и делото на Филипче продолжи со префрлање на вината врз раководителите на тетовската болница и врз Теута Арифи, односно општина Тетово. Кога Арифи возврати, Заев се врати на проверената стратегија – фрли им ја Бугарија на луѓето пред нозе и тие ќе се кренат и ќе заборават на се друго. Од комуњари, до загари и удбаши, патриоти и вмровци – сите ќе застанат во еден ред.

Така што, возбудата околу тетовскиот пожар и „понудената“ оставка на Филипче очигледно ни заврши. Траеше десетина дена, а какви сме, веројатно и тоа беше многу. Во меѓувреме, ние и натаму имаме по 20-тина мртви на ден од Ковид 19, уште толку од други болести поради тоа што здравствениот систем останува затворен, нормално за сето тоа е виновен народот, а Заев и Филипче и покрај се, можат мирно да ја накриват капата, свесни дека до 17 октомври кога е гласањето на изборите, и она бледо сеќавање од катастрофата што ни преостана, катастрофа која сериозно се закануваше да го збрише рејтингот на Владата и Филипче, ќе го снема.

Се разбира, ќе ни треба веројатно многу време за да сфатиме дека Бугарите се тука, дека нема никаде да избегаат, како и ние, а тука ќе остане и улогата на Бугарија во времето на сојузништвото со Хитлер. Но, веројатно ќе ни треба уште подолго време да сфатиме и дека со ова последново, Заев успеа и во нешто друго – да го премести тежиштето на расправата во периодот 1941-1945. Илинденскиот период и Гоце Делчев, ако сте забележале, очигледно веќе се решени. Јасно ви е белким во чија полза, а на чија штета.

Но, оние што секој ден умираат од Ковид и оние што допрва ќе умрат поради тоа што не можат да дојдат до лекар затоа што првите умираат од Ковид, е тие, тие ќе ни избегаат. И нема да може да ги вратиме. Од првите досега имаме околу 6 000 лица, од вторите – околу 5 000 повеќе отколку што е вообичаената умирачка во оваа земја на суви пиперки.

Но, што е тоа битно наспроти величествената мисија што ја имаме, а која се состои во тоа да докажеме дека Бугарите се фашисти кои ја окупирале Македонија во 1941 година, наспроти фините Грци кои во 1912 година ја ослободиле Македонија. За што, како што гледам, немаме никаков приговор. Како и она дете Црногорче од вицот, кое проговорило дури на четири-петгодишна возраст, а кое, кога го прашале зошто молчело досега, едноставно рекло дека претходно немало никаков приговор.

Се разбира, ние не биле тоа што сме, ако во меѓувреме не ни се случува и друг колапс, за што сите се прават на удрени, веројатно возвишени од уште една друга апостолска мисија – да ги образуваат децата, за да не ни останеле неписмени. Во крајна линија, каква смисла ќе има ако докажеме дека Гоце бил Бугарин (откако, онака научно, докажавме дека Александар бил Грк), а Бугарите фашисти, ако тоа нема кому да му го предадеме? Зашто, сега му е мајката – кога министер е презерватив принцезата Мила Царовска, светски признаен едукатор на деца од пет до 18 годишна возраст. Затоа – кога, ако не сега?

Инаку, Царовска е истиот егземплар кој тврдеше дека нема трансмисија на корона вирусот во училиштата правејќи не сите слепи и глупави. Што веројатно и заслуживме. Сега, кога  Филипче вели дека ќе правел скрининг во некои училишта со брзи тестови, зашто трансмисија имало, повторно сите се прават на удрени. По малку! Можеби затоа што Филипче вели дека трансмисијата има, ама била многу мала, што отприлика му доаѓа како она дека „магарето лета, ама многу ниско“. Како тој знае дека трансмисијата е мала или голема, останува светска мистерија, но при живи и здрави Бугари, кој сега ќе му ја мисли за тоа дали децата се заразувале многу или малку. Впрочем, ако ни притреба, ќе си направиме нови деца, нели?

Како и да е, Филипче со најавата за тестирање на децата (внимавајте, не на сите, и тоа  најмалку два пати неделно, туку само еден скрининг), создаде своевиден хаос:

Прво – индиректно ја обвини презерватив принцезата дека лаже;

Второ – тврди дека трансмисијата на вирусот меѓу децата е мала;

Трето – ќе прави тестирање на децата зашто не знае дали трансмисијата е мала или голема.

Така што, оди најди му крајот. Но, битно е дека новата стратегија на „принцезата“ и „слушај го Венко“, стратегија која вели дека „магарето лета, ама не се секирајте, летањето му е ниско“, поминува. А допрва доаѓаат октомври и ноември кога летањето ќе стане уште повисоко, но, тогаш, кога ќе биде доцна, веројатно повторно ќе бидат виновни самите заразени. Впрочем, што па морало да раѓате деца, ако не можете да ги пратите во „елитните“ приватни училишта во кои учат и децата на нашите „просветители“.

Тоа што досега имаме околу илјада заразени деца, од кои 80 отсто се во училиштата, иако ИЈЗ, од каде првично за најмалку два медиуми протекоа овие информации, бројот официјално го сведе на околу 200-тини деца, не треба да не загрижува. Ние да сме ти имале 263 000 училишни деца, па што има сега да му ја мислиме за некоја илјадарка, посебно што средношколците, ете и тоа го чувме, онака со леснотија кажано, во голема мерка веќе го поминале вирусот, па за она малку што останало, не треба да се секираме.

Е, сега, друга е работата што таа илјадарка треба да ја помножиме со најмалку 4 или 5 други деца и ќе добиеме безмалку цела армија на млади кои го имаат вирусот. И тука доаѓаме до главниот проблем: никој жив на оваа планета, не во Македонија, туку на планетата, ниту еден експерт, ниту еден научник, одберете кого сакате, не може да знае дали и какви долгорочни последици вирусот може да остави кај децата, односно какви последици можат да се јават по година-две, па и повеќе. Никој, ама баш никој!

Кога преку вакцина ќе внесете вирус или дел од тој вирус во организмот или кога ќе го инструирате организмот да произведува дел од тој вирус, потребно е да поминат пет, некои велат и 10 до 12 години за да се утврдат евентуалните долгорочни последици. Се разбира, не е иста ситуацијата и кога во организмот ќе навлезе природниот вирус, нема знак на равенство меѓу вакцината и природно внесениот вирус, но со оглед на тоа дека САРС КОВ 2 и по година и половина од пандемијата во голема мерка е непозната за научниците, не е лошо ова прашање да се има на ум или со други зборови – паметните би биле внимателни.

А, бидејќи никој не знае какви последици вирусот може да остави кај децата (краткорочните последици дури сега полека испливуваат на површина), се чинеше сосема разумно да се стори се, ама буквално се што е можно, децата да останат недопрени од него, додека тој не ја „сврти“ возрасната популација на еден или на друг начин и додека останатиот дел од популацијата кој не се противи, не биде вакциниран со вакцина која тој ќе ја избере. И, додека не ни помине стравот од лекарствата за ран третман на болеста, за кои многу експерти велат дека не се перфектни, но во голема мерка се покажале како ефикасни.

Наместо тоа, купче политички шарлатани од невидени размери, со поддршка од голем дел од лекарите, решија да си играат со здравјето на децата, во очекување дека лажните вести кои ги пласираат (дека трансмисија нема или „лета ниско“) и нивните пропагандни загари по медиумите ќе ја завршат работата.

Зошто? Затоа што така правеле и другите земји! Арно ама, тие други земји не се на првите неколку места од топ листата на умрени од Ковид 19. А, во крајна линија, што има нас да не интересираат децата од другите земји, ако ние докажавме дека не сме способни да се носиме со пандемијата како тие други земји. Зашто, едно е за оваа работа да зборувате ако сте во Норвешка каде имаат 150 (и со букви – сто и педесет) починати на милион жители, а сосема друга работа е ако сте во Македонија која има над 3 000 мртви на еден милион.

Патем, листата на потенцијални долгорочни последици кои спајк протеинот и вирусот можат да ги остават, е прилично голема:

-миокардит;

-менструални проблеми;

-потенцијална неплодност;

-оштетување на крвните садови;

-проблеми со згрутчување на крвта;

-проблеми со незгуртчување на крвта;

-автоимуни болести кои веќе се сметаат за епидемија на 21 век;

-активирање на латентни вируси, како хепрес зостер;

-пробивање на мозочната бариера итн, итн.

Најголемиот дел од овие потенцијални последици му се припишуваат на спајк протеинот (за кој пак, веќе не е спорно дека е токсичен) кој се создава по примањето на некои од вакцините, но никој досега не потврдил дека истите последици не може да ги остави и спајк протеинот од вирусот. Едноставно, не е поминато доволно време. Не можете да зборувате за тоа дали и какви последици по пет години може да пројави вирусот кај возрасните и посебно кај децата, ако од епидемијата поминало година ипол, а ако најголемиот дел од децата ни се заразиле во последните месеци.

А, кога така стојат работите, подобро е да се биде внимателен, отколку лејка или уште повеќе – вејка на ветрот.

Кога на изумителот на мНРА технологијата, Роберт Малоун, во едно интервју, кое патем го водеше лекарка, му рекоа дека спајкот создаден од вакцините во крвта (каде, патем, никако не би требало да биде) исчезнува по десетина дена, тој едноставно одговори: „Тој е таму, не се грижете. Можеби само е сведен на величина која за нас не е мерлива!“

Ако тоа е така, а никој не знае дали е или не е, зошто истото да не се случува и со природниот вирус за кој мислиме дека организмот на децата лесно го победуваат. Лани, во еден разговор од кој произлезе интервју по повод повторното заразување на две жени од Куманово, вирусологот од Њујорк, д-р Хаким Џабалах, буквално ми рече:

„Овој вирус е паметен и ни се крие. Затоа не можеме да го најдеме во крвта!“

И додаде уште една работа, која тој веќе ја кажал и која што е многу битна, посебно за оние огнени заговорници на наставата со физичко присуство. Значи, кога заговарате нешто како што е наставата со физичко присуство, поаѓајќи од тоа дека децата лесно поминуваат и без последици, ставате ја малку вашата експертска суета в џеб и имајте ги на ум следните негови зборови искажани за „Кореа тајмс“:

„Има луѓе чиј имунитет делувал половично, извршил само една работа. Го исчистил вирусот од телото, но не научил како вирусот изгледа. Тие луѓе добиваат негативен тест, излегуваат од болница, се враќаат на нивниот живот и повторно стануваат позитивни, односно се заразуваат. Тоа може да значи и дека вирусот не бил исчистен 100 отсто, се притаил извесно време, а потоа повторно се активирал.“

Се притаил вирусот и може кога сака да се активира и евентуално да направи пустош кај децата? Паметен е, иако не е живо суштество? И уште велите дека децата, со актуелните протоколи кои што во наши услови се апсолутно неприменливи, се безбедни и дека е многу паметно ако молкум оставиме сите, освен нивните деца, да го „свртат“ вирусот трчајќи по умот на Царовска (која по првичниот залет, почна да се оградува префрлајќи ја одговорноста на Комисијата на Караџовски) и Филипче?

Патем, ова „со лесно“ го зборуваат тие кои се дел од систем во кој, ако се заразите и ако стигнете до наша болница, шансата да ве изнесат, а не да излезете на две нозе, ви се 44 отсто (наспроти 10-30 отсто во други земји со кои се споредуваме кога децата се во прашање). Се разбира, децата не ни стигнуваат до болници. Но, што ако стигнат по некоја година, како последица на ова сега, но со сосема друга причина?

Инаку, во Флорида, каде пак родителите не се бунат што децата им одат на училиште, туку не сакаат да носат маски, однеле пет-шест маски од деца по завршување на часовите во лабораторија. И, известуваат медиумите, биле пронајдени 11 бактерии од кои три прилично опасни. Што ако ова е правило? Без маски, децата за вирусот ќе бидат лесна цел, со маски, може да се јават многу други проблеми со кои нашиот систем, во овој момент веројатно не е целосно способен да се носи! Јасно ви е тогаш во што се ги втурнавте децата?

Друга е приказната што овој вирус, барем според тврдењата на сите експерти, во многу елементи не се однесува природно и за тоа може да се направи долга листа на податоци. Тоа веројатно го објаснува фактот што не може да му се најде и види крајот. Но, ако вирусот не се однесува „нормално“ согласно тоа што го знае науката, кој е тој што тогаш може да биде сигурен дека истиот тој вирус, наспроти фактот дека децата го прележуваат лесно (освен ако немаат некоја хронична состојба), нема да остави некоја долгорочна последица?

Оттука, додека е време, децата треба да се повлечат едноставно затоа што ние не можеме да се носиме добро со оваа ситуација. Ако тоа е така, тогаш приберете се со умовите додека уште е време, иако штетата и досега е направена. За почеток, оставете ги дома барем децата на тие родители кои немаат медицински причини за тоа, а не сакаат да ризикуваат. И престанете да ги ставате под тепих бројките на новозаразени деца!

Направете го тоа за почеток, разводнете го на тој начин бројот на деца по паралелките, па потоа продолжете да си играте со Бугарија. Во спротивно, како што неформално ми рече еден од нашите врвни експерти во оваа област, децата ги ставаме во улога на „глинени гулаби на стрелиште“.