Дарко ЈАНЕВСКИ

Владата на Димитар Ковачевски вчера го објави текстот со кој упатува сочувство по повод смртта на кралицата Елизабета Втора. Па, вели дека „во името на граѓаните (што потенцијално ме опфаќа и мене) и Владата на Република Северна Македонија (што не ме опфаќа и мене), оддаваме почит и длабоко сочувство!

Чекај, чекај. Како тоа „во име на граѓаните и Владата оддаваме“? Кои се тие кои во „името на граѓаните и Владата оддаваат“ почит и длабоко сочувство? Белким би требало да стои дека Владата во име на граѓаните оддава почит, зар не? Или дека “граѓаните и Владата… оддаваат почит и сочувство…“.

Вака срочено, испаѓа дека некои некои трети лица оддаваат (во множина) почит во името на граѓаните и Владата на Северна. Кои се тие трети лица, некако не е баш јасно? Поради што ова не оди, ама ај, си велам, ова е селското крило на СДСМ на власт кое учеше од градското крило на СДСМ, па се нашле негде на средина. А кралицата и онака почина, па како е срочена една реченица и не баш битно за неа. Нели? За официјална Британија, не сум баш сигурен!

Но, потоа во соопштението, тие трети лица, кои во име на граѓаните и Владата на Северна оддаваат почит и длабоко сочувство, велат дека тоа го испраќаат до „Владата на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска и нејзиниот народ“, што, пак, не функционира. Од самото име се гледа дека поимот Британија не ги опфаќа и Ирците во Северна Ирска (нив ги викаат „Северноирци“, како нас што не викаат “Северномакедонци“ или не?) па не може да упатиш честитка до „нејзиниот народ“ кој опфаќа два народа. Уште повеќе што поимот Британци не опфаќа народ, не се однесува на народ, туку се однесува на повеќе народи. Да не го броиме и редиме сега.

Понатаму во соопштението се вели дека „Кралицата беше составен дел од современата историја и сведок на неверојатни општествени пресврти и трансформации во изминатите 70 години“. Кому му паднало ова на памет, повторно не е јасно, бидејќи не значи ништо. Ама баш ништо! Празна, небитна фраза која го оддава капацитетот на авторот. Зашто секој на планетата Земја кој живеел во изминатите 70 години, бил „составен дел од современата историја и сведок на неверојатни општествени пресврти и трансформации во изминатите 70 години“. Кралицата Елизабета Втора не е исклучок од тоа. Згора на тоа, да го употребиш зборот „трансформации“ небаре пишуваш за играчки кои можат да се претвораат во различни фигури, во соопштение со кое оддаваш почит на кралицата Елизабета и сочувство до кралот Чарлс, не е сосема мудро.

Второ, и ние бевме сведоци на тие неверојатни општествени пресврти, бидејќи еден од нив го живеевме. Што е посебно во тоа што сме биле сведоци, заедно со кралицата? Трето, тие општествени пресврти и „трансформации“ главно се случуваа одвнатре, па повторно нема ништо посебно во тоа.

Одиме понатаму. Овој пат се чини до главното, па се вели: „нејзиното владеење беше сведок и светол факел врз планетарното освестување и транзиција кон демократски системи ширум светот“. Јас не знам каков факел била кралицата, како што не знам и за какво планетарно освестување зборуваат овие што пишувале, ама веројатно мислат и на нашето „освестување“ при кое преминавме од комунистички систем во систем на клептократско-олигархиско-манијакално владеење, а за што не сме единствен пример, вклучувајќи и некои од земји од ЕУ, од каде земјата на кралицата излезе. Значи, пак имаме грешка во писанието. Уште повеќе што не знам дали под „планетарно освестување“ се мисли и на 1,5 милијарда Кинези (20 отсто од луѓето во светот)  кои и натаму уживаат во напредокот, неосвестени, со една партија на чело, Русите каде еден човек владее 20 години (ако почнеше да владее кога и кралицата и тој можеби ќе стигнеше до 70 години власт), Саудиска Арабија, Авганистан и да не набројуваме понатаму.

Натаму следи шлагот на тортата од соопштението: „…истовремено во овие трезвени моменти му оддаваме почит и поддршка на нашиот долгогодишен пријател, Кралот Чарлс Трети…“.

Тоа отприлика би значело дека ние, покрај трезвени, имаме и пијани моменти. Што за нас не е тајна, ама ете сега и светот јавно не разбра. Кога ни се едните, а кога другите моменти, тешко можеме да разликуваме, но не моравме баш на Чарлс да му кажеме: „Еј, брат, сега не ни лепи јазикот, па еве да ти пишеме сочувство“. Уште помалку личи на човекот да му лепиме пријателска етикета. Не дека тој ни непријател, но чисто се сомневаме дека, без било каква негативност на овие зборови, ние и Чарлс Трети сме пријатели во вистинска смисла на зборот. Формално – да, куртоазно – да, ама дека тоа е баш некое пријателство во кое едни за други вени сечеме – тешко. Но, тоа не е ни битно за овие редови. Битно е дека не можеш во вакви прилики некому да му се наметнуваш со пријателство, посебно ако тој спаѓа во класата на луѓе кои со сите се во исто време и пријатели и на дистанца. Едноставно, таква му е положбата.

И крајот на ова писание е дека „…заедно со новата Влада предводена од нејзината екселенција (?) Лиз Трас (како овој дел од реченицата функционира со првиот дел за „пријателството“ со Чарлс – не знам“) со надеж за уште поинтензивна соработка помеѓу нашите пријателски народи.“ Всушност, реченицата е така срочена што излегува дека ние заедно со Владата на Лиз Трас му оддаваме почит на кралот и се надеваме на уште поинтензивна соработка со човекот кому му објаснивме дека ни е пријател, а со кого досега очигледно не сме имале доволно интензивна соработка. Оди, па најди му крајот на писанието! Трезвен човек би помислил дека бараме поинтензивна соработка меѓу двете влади на двете држави, а не на двете влади со кралот, ама ете, грешки се случуваат.

Патем, ние мислевме дека најинтензивна соработка достигнавме кога Тереза Меј не убедуваше да гласаме на референдумот од 2018 година. Ама, еве оние третите лица кои го пишувале ова во име на граѓаните и во име на Владата на Северна бараат уште поинтензивна. Добро, нека биде така.

Како и да е, со ова писание светот доби „трезвена“ порака како се пишуваат изрази на сочувство. Можеби не баш трезвена порака, повеќе личи на пијана, а и глупава порака, но што е тука е! Господ нека го чува Кралот, а и нас! Оти многу, многу ни треба!