Дарко ЈАНЕВСКИ
(текстот е преземен од ФБ профилот на авторот и не ги одразува нужно ставовите ан Денешен.мк)
Не сфаќам зошто толку радосна возбуда кај македонските „шарени“ поради поразот на Виктор Орбан минатата недела во Унгарија. Па канонада против медиумите кои не се „шарени“, па кривични пријави, па не знам што… Во исто време кога со децении некои други од надвор финансираа и финансираат медиуми кои ги помагаа пучевите и кои едноставно не можат да поднесат ако Македонија може да тргне напред, па проблем биле другиве. Двојни стандарди? Не, далеку било. Нема двојни стандарди ако работиш против оваа држава. Има, ако си за неа. Што е исто како и со луѓето. Така е природата. Но, за тоа кратко, на крајта.
А, инаку, приказата со Орбан е сосема едноставна. Таа приказна, во оној дел што нас не интересира се базира на неколку точки:
-Прво, бракот е заедница на маж и жена. Словачка и Фицо тоа го вметнаа и во Уставот. Унгарија и Орбан се држеа до тоа стриктно како што вистински христијани и верници во Бога се држат до „Оче наш“ дури и тогаш кога Бог не им ги склопува коцките баш како што треба – болести, несреќи, сиромаштија…
Но, кај нив „Оче наш“ останува. Други се караат со Бога. Можеби и имаат право. Овие – не! Па, така, за Орбан и Фицо, вториот „Оче наш“ е дека семејството го сочинуваат маж, жена и деца. Крај на приказната. Нема трансџендери, нема промени на полот, нема машки со женски соблекувални, нема неутрален род, нема… Кој што прави и со кого во спалната, тоа си е негова работа насекаде, па и во Унгарија, но постојат само два пола, и според Дарвин и според Бога, и тука нема што да се зборува повеќе.
Е, тоа е еден од клучните проблеми на нашите „шарени“. И ако се радуваат заради тоа, на здравје нека е. Ама тешко дека таа политика во Унгарија ќе се смени и сега. Можеби нема да има тежок вординг по ова прашање каков што си дозволуваше Орбан, чија самоувереност по 16 години беше видлива, но дека сега Унгарија ќе стане земја во која мажите ќе можат да учествуваат во женско пливање – тешко.
-Второ: нема мигранти. Во исто време кога Европа е преплавена со нив. И што најинтересно, на политиката „нема мигранти“ односно на падот на нејзиниот промотор се радуваат оние кои ги обвинуваат Мицкоски и Николоски дека склучиле договор за прием на 20 000 мигранти од В. Британија. И сега нешто не е јасно: сакате мигранти или не? Ако не ги сакате, не како луѓе кои не сочувствуваат со нивната несреќа, туку ако едноставно не сакате овие 1,4 милиони кои останаа да живеат тука, да бидат преплаевни со луѓе со друга култура и традиција, тогаш во што ви е проблемот? Ако ги сакате, тогаш обратно од тоа што го правевте досега – барајте од Мицкоски и Николоски да ги донесат тие 20 000 мигранти од Британија.
А, кога е Унгарија во прашање, засега нема никаков доказ дека победникот на унграските избори ќе ја смени таа политика на Орбан. Да, тој можеби ќе направи тука некаков компромис со Брисел, но унгарскиот народ не гласаше за него за да ги отвори портите на Будимпешта за странци и тој нема да дозволи достигнатиот рејтинг на изборите, да почне да си го уништува со прашање кое нема врска со причините поради кои победи на изборите. Напротив.
-Трето: прекин на војната во Украина. Дали се радувате ако таа војна не прекине така што ќе и се дадат на Украина 90 милијарди долари? Дали сте против ЕУ ако не сакате уште повеќе мртви? Не сте, само не сакате уште крв. Американскиот претседател Трамп ја сфати приказната многу одамна. Особено што војната и санкциите кон Русија создадоа нов проблем за западниот економски поредок – свртување на Русија кон исток, апсолутно и целосно, потоа подемот на Кина и Индија, што е многу посериозна опасност за западниот поредок отколку поредокот кој владееше пред војната во Украина. А купувала Унгарија нафта и гас од Русија или не, Путин не го засега многу. Ако сака Унгарија да купува поефтино – добро, ако не сака – пак добро, на Путин му е сеедно. Што е тогаш радоста?
Впрочем, самиот Маџар изјави дека ќе преговара со Москва за нафта и гас, ама немало да биде пријател со Путин. Добро, и…?
Европа во овој момент има поголем проблем од тоа каква е политиката на Унгарија кон Русија. Тоа е технолошкото заостанување зад САД и Кина, додека Европа спие. Генералниот директор на Нвидиа, Џенсен Хуанг, една од најголемите и највредните технолошки компании во светот, ако не и прва во светот, објаснува дека конкуренцијата во вештачката интелигенција помеѓу Кина и САД може да се разбере преку пет слоеви: енергија, чипови, инфраструктура, модели и примена. Тој вели дека Кина има предност во енергијата, инфраструктурата и примената на ВИ, додека САД се понапред во напредните чипови и најсовремените ВИ модели, иако Кина води кај моделите со отворен код. На крај, тој нагласува дека успехот нема да зависи од една предност.
И тука се води битката за тоа кој ќе владее со светот. Како и во медицината. Тој што ќе успее да го „реши“ канцерот (Патрик Сун Шионг со неговата „Анктива“ или Русите со напливот на мНРА вакцини кои засега не се многу ветувачки), тој што ќе успее да ги отпуши затнатите крвни садови, тој што… тој ќе владее со светот. И тоа со Орбан нема никаква врска. Паднал тој или не, проблемот за Европа останува. Европа во ова ја нема никаде.
Инаку, да се спуштиме од Унгарија, Европа и светот кај нас, оној врховниот судија, Наќе Георгиев за два-три месеци излегува на слобода. Ако, нека излезе, се напати човекот. И патем, зошто тој да лежи в затвор додека оној со 350 000 илјади евра во плочки од кујна си игра со танчерки дома. Добро, он уште нема пресуда, ама сепак. Навечер можеби си прави друштво со Груби. Играат табланет. Лазар Нанев исто така е ослободен од гонење. Лиле Стефанова и Гаврил Бубевски и натаму се обвинители, на Патологија се уште се чека за резултат по еден месец – ако имате среќа, некои лекари и натаму имаат по 50 истории на болест и пациенти за прегледување на ден додека буквално им се гледаат солзи во очите и да не редам понатаму.
Зошто е ова така? Затоа што додека некои работат од утро до мрак, други, мнозинството, му припаѓаат на поголемиот дел од ова општество чие основно животно мото е сопствениот комфор и главното – немој да сакаш да ги поправиш работите. Остави ги такви какви што се – лоши! Во спротивно, ти си лошиот и глупавиот. Ти си тој што го реметиш мирот. Затоа, немој да бидеш глупав. Не прави добро, не сакај работите да тргнат напред и тогаш си супер.
Или како пто вели Венко Андоновски во Папокот на светот: „Кога допираш нешто, не допираш со прстите, допираш со душата, а таа треба да биде чиста“. Што би значело, не допирај ако не е. Остави ги работите така.




