Не го разбирам ситењето на грчката несреќа. Што имате од тоа што оние 26-мина изгореле прегрнати? Што најмалку 74 луѓе умреле?
Истиот ден кога оној Рот ви држи лекции тука, го притиска Мицковски да попушта, а доаѓа од земјата чии премиери Путин ги купува како лижавче на пазар (Шредер) и од земја која префрла милијарди во руската каса (го цитирам Трамп), додека нас ни зборат за НАТО во кое уплаќаат само еден отсто, а чии ракети, или барем 90 отсто од нив, се свртени кон истата Русија.
Со него е шармерот кој тропа ли тропа небулози. На таквите како него сме им плаќале, од копиљаци (кажано во улична, жаргонска смисла), затоа што е (се) синче на мамичка и татенце, да станат некакви си амбасадори, ама луѓе од таквите не сме направиле. Оние на Груевски, што ги сметавме за шутраци, за овој се Аполо и Спутник заедно, ама чекај малку, и овој е на Љупчо визионерот и на Грујо. Попат и на Бранко и на кого ли уште не, ама изгледа најмногу на себе и на својата кариера.
Заев ни се брука во БиХ, ајде да го оставиме неговиот српски јазик, ама тој се фали дека сме станале регион на стабилност, додека во исто време стабилно ни пуштаат Албанци со ножеви да убиваат Комити за да видиме што ќе ни се случи ако не се преименуваме. Цајканите на Спасовски во униформи и со патики на себе, на протести провоцираат судири за да може потоа да фрлаат шок бомби врз баби и деца. Шеќеринска се вози со хеликоптери, сурија мајмуни грабаат ли грабаат грантови и проекти, судии местат пресуди, а Сваровски може само да завидува како тоа се правело, Косово, еј Косово ни ја затвора границата за домати и пиперки, бугарскиот член на Комисијата која преговара за нашата историја ни порачал дека кај и да е, ќе бидеме една држава, па нема причина после референдумот и натаму да се спротивставуваме на нивните барања з анашата историја, Зијадин Села ни ја најавува федерализацијата и со тоа сосема веројатната поделба на државата и тоа е само дел од тоа што ни се случува.
Како во ова ви помага тоа што колнете за пожарите? Да, да не беше Грција, веројатно досега ќе бевме членка на ЕУ и ќе имавме стаж од десет (или девет, сеедно) години во НАТО. Ама како што од некои погоре споменати ние не направивме луѓе (во смисла на политичари), така и ЕУ и НАТО нема од нас да направат држава, па тамам Грција да ни пие вода од рака. Ниту пак ќе бидеме држава, од истите причини, ако останеме надвор. Така што, сите вие имате шанса на сите нив, па и на Грците, цивилизирано да им покажете што мислите за договорот, а на овие дома што мислите и за нив и за договорот. На тие надвор пак, што мислите за октроираната власт од која мнозинството во Македонија се срами. Малцинството, се разбира, го сочинува баграта со грантовите и проектите. И со тоа, немаат врска некои невини луѓе кои изгореле, па тамам сите од ред да биле од Златна зора.
Врпочем, 100.000 евра дала владата помош за Грција. Половина или третина од еден мочан грант или 0,3 отсто од танга тендерот на Вилипче. Не дека на Грците им дошло до тие пари, ама никој, ама баш никој да гукне дека тоа е смешно мала сума? Па Заев за сто илјади од кревет не станува, да не зборуваме за неговите министри, за олигарсите, па дури и некоја си Цветанка Ласкова. Бог да чува.
Некој рече, лани или кога веќе било, сме им понудиле помош, а тие ни ја одбиле зашто не сакале од „Скопје“ ништо. Добро, па што? Пак ќе им понудиме, а другото е нивно. Сакаат примиле помош, сакаат одбиле.
Несреќите нема да завршат со овој пожар. Ќе ги има и другата година и во други земји. Во овој момент голем број членки на ЕУ притискаат да го прифатиме договорт. Не оти им е гајле, ама така рекол шефот. И? Треба да најмиме некој вуду за да фрла клетви против сите? Ќе му дадеме карта на светот со обележани земји на кои може да фрла клетви, а на кои не? Нас кој ни фрли клетва за Стајковци?
А притисокот допрва почнува. Да не биде на крајта да ви остане само фејсбукот и клетвите!