Дарко ЈАНЕВСКИ

Сега откако Заев состави влада, вмровците ќе можат на мир да се вратат на својата омилена професија: бистрење комитска политика на Фејсбук и Твитер. Штета, ќе недостигаат само сликите од штабовите со кренати тупаници и лактови и делењето министерски места, па заменички фотелји, па државни секретари, за директори ич да не правиме муабет. Тоа, како и кај СДСМ, отсекогаш бил најсилниот вмровски дел. Покрај веќе непостојните комитски вечери. И се разбира, „лактање“ за идните локални избори со математика: стигнеш ли до градоначалничко место, и ти ќе станеш „комшија“ на половина град. А не како Мукоски, Бетка, Александрова, па оној што викаше Христо Узунов дека бил… да се мачиш и злопатиш!

И тогаш стигна шокот. Пораз. Добро, не е пораз, победа е. Ама победа што ниско лета! Но, додека Заев веднаш почна да брка мнозинство од 61 пратеник, па и повеќе од 61 пратеник (или да му го брка некој друг), вмровскиот дел почна да се занимава со тоа дека на Мијалков и компанија им паднало на памет да го напаѓаат Мицкоски (а овие пак онака, случајно ја почнаа офанзивата преку Никола Попоски, инаку табла си играа луѓето, нели, а во пауза од две партии мислеа како да му помогнат на напатеното население). Па се крена „пола држава“ да го брани ликот и делото на „даскалот“. Од кого? Од Никола Тодоров кој стана ортак со тие што му уринираа врз главата и кого и покрај тоа, комуњарите, а и вмровците, не сакаат сликата на интернет да му ја видат, не пак да го сретнат? Од Митко Јанчев, за кој нема најдете еден вмровец кој го смета за вмровец! Ама кој, долго време, ако не се лажам беше потпретседател на ВМРО. Еј, ВМРО на Ќосето и Митко Јанчев! Во еден кош. А, тој и тогаш беше истиот. Ама гардата за одбрана, си молчеше. Од кого друг да го брани Мицкоски? Од Конески, кој не му бил ниво на Мицкоски? Па што тогаш се занимавате со него?

Всушност, во оваа држава, изгледа веќе не важи ни она за лудиот и збунетиот. Го надминавме ние тоа одамна. Па, така (ете ќе влезам во замка на повторување, но нека е…), дојдовме до тоа „министерот Смрт“ да одработува за тие што го донесоа дедото на Тамара, демек, да го убие, а тој се жали како преживеал атентат и „знаеш што се не“ друго!

Сашо Мијалков дава интервју кај вмровецот меко Бабуле, оној кој им викаше дека се фашисти, кој пак да ти бил „дгауууу“ ортак на Орце Камчев, кој пак е скаран кум со Сашо, а му плаќа сметки за струја и вода на Мицко, против кого Сашо збори во интервјуто. Тој Мицко кого овие го оставиле без пари, а пак овој за тоа му се раскажува на Кичеец, кој пак е ортак со Боки со кого Кичеец изнесува торба со пари од кај Орце, кој е кум со Сашо Мијалков, кој зборува дека сака да го смени Мицко, додека Орце му плаќа сметки…

А, сите заедно ја уриваат Империја која ги гони Орце и Сашо: Заев така што се договорил со Врховен, Мицко така што бил против Законот за ЈО, а Орце така што ги снимал Боки и Кичеец со Бугарите, па му се јавил на најхрабриот премиер на светот дека Чарлиевиот ангел го рекетира. Што направил Сашо, си знаете! (тука се разбира учествувам и јас: пет години тврдам дека СЈО е неуставно и дека како неуставно не може да води постапки ни пред тие фамозни 18 месеци, а посебно пак не може ништо после тој период, ама пак кога јас тоа го велев, никој од овие ги немаше).

Па, потоа најхрабриот премиер на светот, односно неговото височество Заев се јавил кај Рускоска да го пријави „рекетот“ на Боки кај кого дома оделе и Шеќеринска (додека маж и и гледал фудбал кај Орце) и Филипче и кој уште не, не за друго, на кафе Боки да им гледа, ама Руска заборавила да состави записник за јавувањето, по што Орце, кој ја дал приказната кај Бабуле, почнал да ги плаќа сметките за вода на оној кој сака да го смени најхрабриот премиер на светот. И кој потпишал договор каков што и самиот Орце би потпишал. Или тоа беше пред тоа? Кое? Не знам веќе ни јас!

Е тука негде се и таквите како Митко Јанчев (пак се повторувам), кој е против Мицко ама му беше потпретседател, во партија без која не на Кавадарци, туку не би можел да биде градоначалник ниту на село во кое само тој живее и тој е единствениот гласач.

Е, тој Митко Јанчев сега би го презел ВМРО. Би ги носел вмровците да ги пои со чиста вода. Референца му била доброто раководење со градот во кој, додека тој полнеше вода, Грујо од кого сега сите се оградија, ја намали невработеноста од 9000 на 2000.

Од друга страна, дека работите со изборите не одат како што треба за ВМРО, се гледаше со месеци наназад. За самата кампања да не зборувам. Всушност, веќе две-три години побитно беше да се врши промоција на некои типчиња, отколку да се победи СДСМ. Па така, додека ВМРО бегаше од ВМРО, истовремено стана ортак со секоја „шуша“ и секое „шарено“ бабуле кои доведоа до тоа да бидеме Северна и, не само тоа, туку и демократски да не смееме ни да гукнеме за тоа дека сме Северна. Така што, не знам зошто Сашо и компанија се бунат! Зар не ви беше тоа целта?

Ама важно, огледалата на кралицата од приказната за Снежана функционираа. Беспрекорно. И така дознавме дека Заев е никаков (навистина, зар ни треба некој да ни каже каков е Заев?), а овие од ВМРО се најубави и најпаметни. Така вели штапското огледалце. Кога им се велеше дека пропагандата на СДСМ е мизерна, третокласна, ама вмровската е уште помизерна, шарлатанска и сконцентрирана на тоа од шарлатани да прави ѕвезди, што ја носи директно во четвртата класа, одмавнуваа со рака.

При едно ланско гостување во емисија на Љупчо Цветановски (додека се уште беше на ТВ), заедно со уште еден колега, реков дека ВМРО може да прави се, ама никако не смее да го потцени Заев. Човекот, едноставно е опасен и потценувањето може да го однесе ВМРО во пораз. Колегата ме гледаше како да сум луд. Од пристојност само се насмевна и рече дека Заев не треба да се потценува, но не треба ни да се преценува.

Неговиот став не е битен, зашто тој не е партиски човек. Но проблем беше што таа атмосфера беше владеачка во опозицијата. Да му кажеш на вмровец, од врвот до последниот член, дека Заев е далеку од пораз, беше како да си го плукнал, како да си му опцул мајка, жена, деца, како да си му брцнал во око. И нормално, го гледаш како самиот се прашува: За кого ли игра овој, или некој го платил да зборува така или Бел Гејтс го чипирал..!

Се сметаше дека со сите афери што го има, Заев едноставно не може да победи. И дека со тоа што ВМРО ќе биде и патриотско и шарено, едноставно ќе се прошета на изборите. Проценката имаше еден проблем: на народот не му требаше партија да му кажува дека Заев не го бива, дека неговата власт не е катастрофа, туку катаклизма. Уште помалку тоа требаше да му го кажува партија која на листа става човек кој тврдеше дека вмровците се без мозок, а сега од тие вмровци бара глас, заедно со пола шарени, бањати и либерални.

На народот не му требаше тоа. Му требаше партија која ќе удри со раката на маса, а не партија која ќе рецитира поезија. Оти во партија која е чесна и која знае да удри со раката, веруваат и бањати и небањати и либерали и нелиберали и шарени и нешарени… Дури и кога на сите им беше јасно дека таа партија не смее да ги спомне ни Преспа, ни Бугарија, ни Тиранската платформа, удирањето со рака на маса, враќањето на ВМРО кон ВМРО, ќе ги извадеше луѓето на избори.

Доволно е само да се каже дека во 20 дена кампања, името на Филипче не беше ни споменато. Човекот кој има најмногу смртни случаи и најмногу заразени во регионот, човекот преку кого СДСМ неколку месеци градеше рејтинг, рејтинг и само рејтинг и ништо друго, беше заборавен. Надвор умираат луѓе, ама ВМРО се секира да не се уплашеле. Па си мислам, онака ми се јавува слика од Паулус со 600 000 војска пред Сталинград, а Жуков наместо да го нападне со се што постои, со се што мрда во цел СССР, си вели: Ај да го премолчам! Да не ги уплашам луѓето!

И после да најде неколку бојкотирачи и да каже: е затоа го изгубив градот. А, кога веќе го дадовме Сталинград, да ја оставиме и Москва. Ленинград и онака е изгубен.

Во меѓувреме, можеби не е случајно, Србија веднаш по изборите почна да гради ограда кон нас. Не треба белким друг да ви кажува зошто, но веројатно ова е и едно од објаснувањата и за очигледниот пазар со извесни „неидентификувани“ лица што Заев и Ахмети го направиле за да останат на власт. Филипче пред школската година почна да се однесува како и ресиот Сулејмани, па секој ден сме сведоци како „го победува короната“, телевизиите се преполни со прилози со родители кои попрво би ги пуштиле децата на училиште – е*еш ти вирус и респиратори и се друго – наместо да им останат неписмени, оти пак Инфективна можат да ја поднесат, ама неписменоста – не, за што и самите се доказ, Трифун Костовски едноставно те тера да плачеш над неговата судбина, Нина Ангеловска  е жив сведок дека како што неа св. Трифун и помогнал, вам може некој светец вечер на сон да ви каже како веќе утре да заработите неколку стотини илјади евра… А, кога тоа е така, што има да се оптоваруваш со политика. Деца се прават, пари се заработуваат, државата, како што вели Маџунков за нашиот мрсулав идентитет, некој друг Питу Гули ќе ни ја оправа за едно 500 години… Глејте нас сега да ни арно. А арно ни е. Имаме картички од Заев со по 3000 денари, пакети со макарони и паштети со поминат рок, шефица која ни кажува ако застраниме… Што би посакал човек повеќе во животот?

Патем, што бидна со ЛидеЛиде? Тоа е битно.

И уште нешто: Фактот што банките тераат неподвижни да дојдат лично да им се потпишуваат во држава која кај и да е, ќе колабира, навистина не е причина за да не наздравите вечерва!