Република Македонија на листата според Индексот за перцепција на корупцијата на Транспаренси интернешнл за 2021 година се наоѓа на 87 место од 180 рангирани држави, со 39 од можни 100 поени, што е раст од четири поени и скок од 24 места во однос на минатата година. Сепак земјата останува под глобалниот просек од 43 поени, заедно со две третини од сите рангирани држави.

Директорката на Транспаренси Интернешнл – Македонија Слаѓана Тасева, презентирајќи ги наодите од ИПК за 2021 година на денешната прес-конференција, порача дека имаме подобрување, но не значи дека е многу добро и резултатот е се уште низок и сме далеку од тоа што сме биле во 2015 година, кога сме биле на 66 место.

Глобалниот просек на Индексот на перцепција на корупцијата останува непроменет во последните десет години со 43 од можни 100 поени. Наспроти големиот број заложби 131 земја немаат направено никаков забележителен напредок во борбата против корупцијата во последната декада, додека две третини од вкупно 180 земји имаат под 50 поени, што значи дека имаат сериозни проблеми со корупцијата, а 27 земји се на своето историски најниско ниво.

Македонија овогодинешното 87-мото место го дели со Косово, Колумбија, Етиопија, Гвајана, Мароко, Суринам, Танзанија и Виетнам.

Првото место на Индексот за перцепција на корупцијата го делат Данска, Финска и Нов Зеланд со по 88 поени, додека на 180 место е Јужен Судан со 11 поени.

Од земјите од регионот најдобро рангирана е Словенија, која се наоѓа на 41 место со 57 поени и пад од шест места во однос на 2020 година, кога била на 35 позиција. Потоа следи Грција, која е на 58 место со 49 поени, што е раст од едно место во однос на 2020 година.

Хрватска е непроменета на 63 место со исто 47 поени како и минатата година.

Следна е Црна Гора, која е на 64 место со 46 поени и раст од три позиции во однос на 2020 година, потоа Бугарија, која е на 78 место со 42 поени, што е пад од девет места наспроти растот од два поени во однос на 2020 година.

Северна Македонија е на 87 место со 39 поени, што е подобрување од четири поени и скок од 24 места во однос на минатата година. Косово е на 87 место со 39 поени, што е раст од 14 позиции во однос на 2020 година, потоа следи Србија, која е на 96 место со исто 38 поени, но со пад од две места во однос на 2020 година, па Албанија која е на 110 место со 35 поени, што е пад од седум места во однос на минатата година и Босна и Херцеговина, која е на 110 место со 35 поени, исто како и минатата 2020 година, но со подобрување од едно место на овогодинешниот Индекс за перцепција на корупцијата.