Портпаролот на унгарската Влада, Золтан Ковач, на прес конференција во Брисел повтори дека сите процедури околу азилот на експремиерот Никола Груевски се во согласност со меѓународното право и правила.
Тој рече дека Груевски добил „фер процес“ како било кој друг кој побарал азил во Унгарија и дека тој процес е независен, и не го води владата.
Запрашан дали владата беше инволвирана во превозот на Груевски до Унгарија Ковач изјави само кусо: „Унгарија колку што е инволвирана во тоа ги следеше сите меѓународни правила во согласност со меѓународните стандарди, рече Ковач одговарајќи на прашање.“ И додаде дека „не гледам дека ова прашање го поставувате на другите баратели на азил во Европа“.
Поврзано со ова, унгарскиот портпарол беше запрашан дали тоа значи дека нема доверба во судскиот систем во Македонија.
– Имплицирам, и го видовте тоа во еден мој твит, дека агенциите на Европската комисија и другите меѓународни агенции кои известуваат за Македонија дадоа неколку причини според кои ова прашање се мери. Но уште еднаш ова не беше процедура на владата, туку на независна агенција, агенцијата секогаш го следи тој протокол за секој индивидуален случај и секогаш обезбедуваме основ и рамка за фер и еднаков процес за сите, изјави Золтан Ковач.