Минималната плата ќе изнесува 20.175 денари и ќе биде зголемена за 2.175 денари, објавија владините претставници предводени од премиерот Димитар Ковачевски, вицепремиерот задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи и министерка за труд и социјална политика, Јована Тренчевска, по денешната седница на Економско Социјалниот Совет на која точка на дневниот ред беше утврдувањето на новиот износ на минимална плата.
„Како што ветивме, денеска така и го исполнуваме ветеното. Почнувајќи од април минималната плата ќе биде поголема за 2.175 денари, од 18.000 ќе се зголеми на 20.175 денари. Секој работник од следниот месец ќе ја земе оваа плата како минимална. Тоа е резултат на грижата на Владата за сите категории граѓани. Да обезбедиме континуирано одржлив животен стандард и поддршка на куповната моќ на нашите граѓани. Ова е единствениот исправен пат и начин за обезбедување социјална правда и правичност – дури и во време на глобална економска криза на која и претходеше здравствената криза предизвикана од пандемијата, истакна Битиќи.