Директорот на Агенцијата за национална безбедност, Виктор Димовски, ќе биде сменет, но, не поради скандалот со пасошот на Украинецот Александар Онишченко, туку затоа што Димовски треба да биде амбасадор на Македонија во Франција.

Премиерот Димитар Ковачевски најави нов директор за 24 дена.

– Државјанството беше доделено по четири позитивни мислења. Побарав извештај по спроведена анализа согласно процедурите на АНБ и директорот да даде извештај на затворена седница на Влада. Тоа ќе се случи во текот на утрешниот ден. Одговорност мора да има, тоа е работа на анализа. Дали ќе имаме нов директор на АНБ, односно дали ќе има одговорност – да ќе имаме нов директор АНБ. Именување на нов директор на АНБ ќе има во новите 24 дена. Треба да биде професионалец, со долгогодишно искуство, треба да ги помине филтрите на стратешките партнери, треба да биде тоа усогласено, односно изборот со критериумите, кажа Ковачевски.

Прашан дали промената на Димовски е поради скандалот, Ковачевски одговори:

– Тоа е затоа што директорот е веќе со испратени агремани за амбасадор на Франција и е отпочната селекција, рече тој.

Онишченко добил македонско државјанство и покрај тоа што е на црна листа на САД. Димовски рече дека виновен бил службеник во АНБ кој не ја изготвил соодветно проверката.