Верувајте во себе, прашувајте, преиспитувајте, истражувајте и бидете креативни, бидејќи детството и младоста се периодот кои се клучни за понатамошниот личен развој, вели во честитката за првачињата и првиот школски час, премиерот Димитар Ковачевски.

– Драги првачиња, драги ученици, на првиот училиштен ден ви посакувам успешен почеток, на новата учебна година. Верувајте во себе, прашувајте, преиспитувајте, истражувајте и бидете креативни, бидејќи детството и младоста се периодот кои се клучни за понатамошниот личен развој. Ви посакувам многу нови другарства кои ќе траат цел живот.
Образованието е една од најважните инвестиции во животот, затоа продолжуваме со реформите и вложувањата во подобри услови за настава со што обезбедуваме пристап до квалитетно образование за секое дете, се вели во објавата на Ковачевски на неговиот официјален профил на Фејсбук.

Притоа Ковачевски објавува и видео обраќање до учениците и нивните родители, кое може да го отворите ТУКА.

Новата учебна година за првачињата, односно за нивните родители, е околу 60 отсто поскапа од лани, во однос на цените за приборот и опремувањето за првиот школски час. За првачињата нема ни учебници, тие ќе учат од тн. материјали, исто како и учениците од второ, четврто и петто одделение.

Многу од учениците дури денеска ќе ги добијат свидетелствата што требаше да ги добијат на 10 јуни, а некои дури ни денеска. Проблемот е настанат поради ненавремено печатење на обрасците од страна на тетовската печатница која го добила владиниот тендер за печатење.