Во последната година од премиерскиот мандат, Димитар Ковачевски го зголемил својот имот за еден стан и за една куќа, објави Радио Слободна Европа.
Ова го покажува споредбата на двата анкетни листа што ги поднел до Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК) – првиот кога стана премиер во јануари 2022 година, а вториот кога стана пратеник во јуни 2024 година.
Според новиот анкетен лист, Ковачевски поседува вкупно четири станови и една куќа. Еден од становите е во сопственост на неговата сопруга Елена. Пријавената вредност на недвижниот имот изнесува 365.000 евра.
Ковачевски кога седна на премиерското столче во јануари 2022 година, во ДКСК пријави дека поседува недвижен имот вреден 248.000 евра, што е за над 100.000 евра помалку од сегашната состојба.
Тогаш Ковачевски пишал дека има три стана во Скопје, првиот од 70 метри квадратни, вториот од 83, додека третиот со површина од 94 метри квадратни.
За споредба, во новиот имотен лист го нема станот со големина од 94 метри квадратни купен во 2008 година.
Но, има нови два во општина Карпош со големина од по 73 метри квадратни и една куќа во населбата Волково со големина од 76 метри квадратни. Вкупната вредност на овие недвижности, според анкетниот лист, изнесува 180.000 евра.
Ковачевски вели дека го продал станот кој го поседувал од 2008 година и дека со тие пари, како и со продажбата на автомобилот „Пасат“ купил помали станови во изградба.
– И наплатив дивиденда, којашто ми беше ненаплатена дивиденда поради ковид кризата, од фирмата во која што имав акции порано, кои пред да станам заменик министер за финансии ги отстапив и си ги повлеков средствата, си ја наплатив и дивидендата од 3,4 милиони денари, и со тие средства ги купив помалите станови, а тоа сѐ е пријавено во Антикорупциска – одговори Ковачевски за РСЕ.
Податоците од анкетниот лист покажуваат дека Ковачевски сега поседува „цитроен Ц3“ купен во 2023 година, а произведен 2018 година.