Станува збор за политички маргиналци и дискусијата со нив би им ја оставил на политички маргиналци од нашата држава, а јас претставувам Влада кој комуницира со Владата на Бугарија со која имаме комуникација на многу повисоко ниво од она што беше во минатото, изјави денеска премиерот Ковачевски во однос на изјавите на бугарскиот европратеник Ангел Џамбаски и пратеникот во бугарското Собрание Костадин Костадинов на чествувањето за Мара Бунева во саботата во Скопје.

– Иако станува збор за политички маргиналци, нивните изјави предизвикуваат вознемиреност во нашата јавност. Токму тоа им е и единствената цел, да провоцираат и да ги поткопуваат напорите на Северна Македонија и Бугарија да продолжат во духот на соработка и одржување на позитивен дух во билатералните односи, изјави Ковачевски на денешната прес-конференција на која беше презентирана тема реализацијата на капиталните инвестиции во земјава во 2022 година.

Ковачевски нагласи дека целта на секој политички маргиналец е да стане популарен преку вакви активност и затоа тој нема намера да има ја исполни желбата да бидат сензација и да станат популарни, кога не се популарни ниту во сопствената држава Бугарија.

Тој посочи дека Министерството за надворешни работи соодветно реагираше на овие изјави со нота до Софија во која ваквите постапки точно ги адресираше како закана по добрососедските односи.

– МНР од официјална Софија веќе побара да се огради од недоличните изјави кои ги повредуваат чувствата на граѓаните на С. Македонија и сериозно им наштетуваат на напорите за унапредување на добрососедските односи меѓу двете земји, додаде Ковачевски.