Владата и министерот за надворешни работи го осудија недоличното однесување на бугарскиот европратеник Александар Јорданов.

Премиерот Димитар Ковачевски на денешната прес-конференција посочи дека таквото однесување не прилега на ниту еден човек без разлика со што се занимава.

-Согласно со нашата осуда испративме и писмо и до Европскиот парламент, а исто така имаме реакција и до бугарските власти. Сметам дека 4 февруари, согласно одлуките на Советот за безбедност, одлуките на Владата и МВР и сите други безбедносни служби успеавме да организираме достоинствено и мирно чествување на роденденот на Гоце Делчев, рече тој.

Според Ковачевски, во иднина не треба да се остава простор за такви како Јорданов, но и за оние кои ги интересираат само провокации и нарушување на односите помеѓу Македонија и другите земји од регионот.

– Тоа се личности и политички партии кои не сакаат да го видат овој регион како дел од ЕУ. Од другата страна сме ние официјалните влади на државите од регионот кои сакаат да го видат регионот како член на ЕУ и на тоа ќе работиме. Во однос на Бугарија, сметам дека не би требало дополнително да коментирам бидејќи Бугарија веќе е влезена во изборна кампања и штом ќе завршат изборите таму, ќе може да се воспостави понатамошен дијалог во однос на билатерални и мултилатерални проекти со владата што ќе ја имаат по изборите, додаде Ковачевски.