Премиерот Димитар Ковачевски и министерот за надворешни работи Бујар Османи изразуваат сочувство и загриженост за експлозиите на полска територија во близина на полско-украинската граница во кои загинаа две лица.

Сочувство до Матеуш Моравјецки и полскиот народ за загубата на животи во експлозијата во близина на украинската граница. Ова е време да бидеме уште порешителни во нашата основна задача – да ја одржуваме територијата на НАТО безбедна. Работејќи заедно со сојузниците за да се соберат сите факти за овој трагичен настан, објави премиерот Ковачевски на Твитер.

И министерот за надворешни работи Бујар Османи на „Твитер“ објави загриженост за инцидентот.

– Загрижени од неодамнешните ракетни напади кои преминаа на територијата на Полска. Целосна поддршка и солидарност со нашиот близок партнер Полска, изразувајќи сочувство до семејствата на жртвите. Се консултираме со нашите НАТО сојузници и внимателно ја следиме ситуацијата, објави Османи на Твитер.

Лидерите на НАТО денеска најавија дека ќе одржат итен состанок по експлозијата што се случи во полското село Пжеводов, на полско-украинската граница, во која загинаа две лица.

Се уште нема официјална потврда од Алијансата дека се работи за руска ракета, иако одредени извори наведуваат токму такво сценарио. Руското Министерство за одбрана ги демантираше информациите дека проектилот што падна во Полска е руски.