Во Секторот за воена безбедност и разузнавање постојат записи со мои изјави и сите информации кои сум ги имала ги пријавив кај службата задолжена за прибирање на такви информации. Јас не водам истрага и постапки не можам да преземам на своја рака, потенцираше денеска министерката за одбрана Славјанка Петровска во Собранието, во одговор на  прашање на пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Драган Ковачки, за наводни злоупотреби на службени позиции и сексуално вознемирување на офицерки во Армијата.

Таа појасни дека не смее министер за одбрана да влијае на истрагата.

-Не смее ниту овој ниту кој било друг министер за одбрана да влијае на истрагата. Во Министерството за одбрана, односно во Секторот за воена безбедност и разузнавање постојат записи. Секогаш кога сум добила какви било информации, кои нема да ги кажувам тука затоа што се класифицирани,  јас сум ги пријавила до службата. Ниту водам истрага, ниту имам законско право да преземам дел од истрагата која ја води Јавното обвинителство, рече Петровска.

Министерката потенцираше дека никогаш нема со политичко влијание да се обидува да се замеша во истрагите и додека не види докази или не биде известена од надлежните органи, нема да може да презема ништо на своја рака.

Според пратеникот Ковачки, во АРМ има сериозни случи на злоупотреби на службената позиција и сексуално малтретирање на подредени офицерки и војници од страна на високи офицери, вклучително и од страна на генерали и од началници во воената безбедност.

-Истите високи офицери за возврат им ветувале унапредување, школување на Воената академија и други бенефити. За изнудувањето на сексуални услуги од помладите по чин и функција од страна на нивните претпоставени и високи старешини се дознало случајно, т.е. во текот на истрагата за примање мито, кое го обелоденивме ние од ВМРО-ДПМНЕ, а за кое министерката за одбрана негираше. Постојат слики и снимки со кои се потврдува злоупотребата на службената позиција од страна на генерал и полковник и за истото е информирана министерката за одбрана, потенцираше Ковачки.

Фото: принтскрин