Деновиве нагло порасна бројот на нови случаи со КОВИД-19. Во текот на вчерашниот ден беа регистрирани 62 нови случаја, но и двајца починати.

По олабавување на мерките, укинувањето на полицискиот час и постепеното отворање на економијата, надлежните апелират граѓаните да ги почитуваат мерките на заштита како одржување дистанца од два метра, носење заштитна прекривка на устата и носот и негрупирање. Без почитување на овие мерки, велат надлежните, вирусот ќе продолжи да се шири и натаму.

Тие најавија дека доколку не се почитуваат мерките за заштита, може повторно да бидат воведени рестриктивни мерки за одредени општини и подрачја.

Рестриктивните мерки за одредени подрачја ќе зависат најмногу од граѓаните, од почитувањето на мерките, рече вчера премиерот Оливер Спасовски и ги повика граѓаните доследно да ги почитуваат мерките.

-Ние најавивме пред неколку дена дека ригорозни мерки или рестриктивни се можни за одредени подрачја каде што има зголемен број на инфицирани граѓани. Тоа ќе зависи најмногу од граѓаните од почитувањето на мерките, оние кои што се во изолација заради тоа што се директни контакти од некој којшто е позитивен на КОВИД-19, треба да останат таму и да ги почитуваат сите тие мерки. Колку повеќе ќе ги почитуваме мерките толку ќе имаме намалување на рестрикциите, рече Спасовски, одговарајќи на новинарско прашање дали Владата размислува за воведување ригорозни мерки за некои подрачја каде има поголем број заболени лица.

Спасовски рече дека државата, институциите, здравствениот систем, Комисијата за заразни болести направиле се во изминатиот период, донесени се одлуки, направени се протоколи како треба да се однесуваат граѓаните.

– Секој ден говориме што значи одговорност за сопственото здравје, што значи одговорност за околината во која живеееме. Најмалку што можат да направат граѓаните е да ги почитуваат тие мерки, вели Спасовски.

Доколку граѓаните ги почитуваат мерките, како држење социјална дистанца, носење заштитина опрема, нагласува Спасовски, нема опасност од пренос на инфекцијата и загрозувањето на здравјето и животот.

На почитување на мерките, повика и министерот за здравство Венко Филипче.

Од почетокот на кризата со коронавирусот, на секој јавен настап повторувам една работа – вирусот ќе го победиме со многу дисциплина и безусловно почитување на мерките. Оние кои не веруваат во ова треба да ја погледнат состојбата во Општина Дебар. Дебар беше прва општина која влезе во карантин, а денес е општина во која со недели нема ниту еден нов случај. Ова е заслуга на граѓаните и нивното дисциплинирано однесување, напиша на Фејсбук министерот за здравство Венко Филипче.

Ние, како што наведува Филипче, не можеме вечно да живееме во карантин, бидејќи тоа е штетно за менталното здравје на граѓаните, за економија, за целото општество.

-Имаме два избори, или ќе го продолжиме да го враќаме животот во нормала почитувајќи ги безусловно мерките или ќе се враќаме назад кон силни рестрикции. Изборот е наш. Друг излез од оваа состојба, за жал не постои. Јас силно верувам дека ќе избереме да го нормализираме животот заштитувајќи го нашето лично здравје, колективното здравје и здравствениот систем. Затоа уште еднаш апелирам, да се воздржиме од групирање и да одржуваме дистанца, да сме внимателни и да носиме заштитна опрема и да се грижиме за личната хигиена, напиша на ФБ, министерот Филипче. 

Вкупната бројка на ковид дијагностицирани во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 2226, бројката на оздравени пациенти е 1552, на починати е 133, а во моментов бројот на активни случаи во земјата изнесува 541.

Во вакви услови владејачкиот СДСМ, во чии редови веќе има заразени, почна отворена кампања за избори „час поскоро“.