Во Македонија вчера беа потврдени 180 нови случаи на позитивни од Ковид-19, што е најголем број од почетокот на епидемијата досега, но министерот за здравство Венко Филипче информираше дека станува збор за познати кластери, посочувајќи дека 90 отсто од новозаразените се од 15 фамилии.
Во моментов се активни 1.009 случаи на заболени од коронавирус, а како што посочи министерот, повеќето се асимптоматски.
Досега се извршени 34.386 тестирање и беа потврдени 2.790 позитивни случаи, досега се излекувани 1.632 лица, а починаа 149 пациенти.
– Несомнено е дека имаме еден втор бран којшто е резултат на непочитувањето на мерките за собири и групирање што го докажа и деталниот увид во деталните епидемиолошки прашалници. Но зголемениот број на заболени е очекуван поради начинот на тестирање што го применивме измиинатите денови, истакна Филипче.
Нагласи дека очекувањата се оти овој бран многу кратко ќе трае, но сепак, како што рече, се максимално внимателни и претпазливи.
Филипче посочи дека има огромен број на асимптоматични случаи и со лесни симптоми но тоа, според него, не значи дека вирусот не е опасен бидејќи има и случаи на пациенти со тешки клинички слики.
– Вирусот е тука, се шири, а непочитувањето на мерките, ќе значи продолжување на кризата, порача Филипче.
Тој како пример посочи дека кај членови на едно семејство од десетина тестирани само еден има позитивен тест со сосем лесни симптоми, додека останатите девет се асимптоматски носители.
– Што ни покажаа првичните резултати кога повторно почнаа да доаѓаат случаи во рамките на семејствата околу оние семејни настани околу 24/25 мај и неколку денови претходно, дека има еден одреден процент асипмотиматски носители. И заради тоа интензивно ги истестиравме сите примарни контакти на претходно дијагностицираните, околу 15 семејства се тоа во Скопје огромен дел од новодијагностицираните се тука. Но, 90 посто се асимптоматски, другите имаат сосем лесна симпотамтологија, вели Филипче.
Тој соопшти дека прво морале да го проценат капацитетот на болеста да прерасне во тешка, што, како што вели, не се случува изминативе две недели.
– Значи има податок дека вируленцијата опаѓа, но во исто време знаеме дека не е здравствениот систем во ризик. Затоа се зголемија тестирањата, затоа се тестираа и примарните контакти во семејствата кои немаат апсолутно никакви симптоми. И сега имаме јасна слика, додаде Филипче.
Тој, околу тоа дали е коректна мерката да се воведе тридневен полициски час во Скопје, со оглед на тоа што повеќето граѓани го напуштиле градот и заминале во регони каде е воведен полициски час од 16:00 часот, нагласи дека каде и да се наоѓаат граѓаните мерките мора да се почитуваат за носење на заштитна опрема, држење растојание и негрупирање.
– Првичните резултати, откако повторно почнаа да доаѓаат случаи, во рамките на семејствата, околу оние семејни настани околу 24-25 мај и неколку денови претходно, дека има еден одреден процент на асимтоматски носители и заради тоа интензивно ги истестиравме сите примарни контатки на претходно дијагностицираните. Во рамките на движењето во Скопје, многу од овие луѓе дадоа податок дека се движеле низ целиот град, моравме да ја направиме оваа рестрикција за едноставно да се заштити целиот град Скопје, мислам дека на другите места каде што има спорадични случаи нема потреба од целосна рестрикција. Впрочем од понеделник, најверојатно, нема да има никаква рестрикција ќе биде така како што беше до четвртокот насекаде, но ќе имаме целосен увид. Сите позитивни ќе бидат веќе ставени во изолација, нагласи Филипче.
Тој рече дека сите сме сведоци дека во последните часови се пренатрупаа пред се туристичките места.
– Сметам дека, нешто поголем дел на граѓани заминаа, меѓутоа тоа е уште еден доказ дека колкав и број на граѓани да заминат, мора да се почитуваат мерките. Ние ќе треба да научиме да живееме со ова и понатаму. Секој следен викенд ќе биде со убаво време и е можност луѓето да заминат на одредени места, ние во мерките за олабавување во следните чекори планираме и отворање на хотелите, рече министерот.
Тој посочи дека е направена многу темелна анализа на кластерите во четирите региони кои се во карантин.
– Со оглед на тоа дека веќе ги знаеме, тие луѓе се веќе во самоизолација, но имало еден период кога не биле свесни и циркулирале низ целиот град. Во таа смисла и во смисла на заштита, а заради уште подетелна анализа на „следното колено“ на контакти на тие луѓе коишто се анализираа следните денови беше оваа рестрикција во движењето. Значи дополнителна заштита во регионите од каде што овие претходно дијагностицирани со цел да не се направи некакво натамошно проширување на вирусот заради често движење, потенцираше Филипче.
Тој истакна дека нема простор да се споредуваме со Италија поради тоа што точно се познати мини кластерите и тие се во изолација.
– Во однос на границите и 14 дневниот карантин кој Бугарија го воведе за македонски државјани ние не сме изолирани, туку земјите постапуваат врз основа на бројките, но не ги знаат сите други параметри, посочи министерот.