Скопје и Тетово се градовите во кои бројот на новозаразени со коронавирусот и натаму расте. Според вчерашната статистика, од 54 новорегистирнани случаи од направени 3.087 тестирања, дури 32 се од Тетово, а потоа следува Скопје со 13, Дебар со 4, Гостивар и Валандово со по 2 и Кичево 1. Во 13 градови нема активни случаи на Ковид-19.

Во Тетово вчера беше забележан и еден смртен случај. Од Ковид-19 почина 77-годишно лице во болнички услови

Вчера беа регистрирани и 28 оздравени пациенти, од кои 12 од Скопје, 4 од Куманово, 3 од Тетово, по 2 од Кичево, Велес, Охрид и Струга и 1 од Струмица.

Досега во земјата се направени вкупно 985.556 тестирања на Ковид-19.

Вкупната бројка на ковид-дијагностицирани лица од почетокот на епидемијата изнесува 156.506, бројката на оздравени пациенти е 150.399, на починати е 5.494, а бројот на активни случаи изнесува 613.

Најголем број на активни случаи има во Скопје и тоа 184, следи Тетово со 177, Куманово 67, Гостивар 47, Битола 25, Дебар 21, Струмица 16, Кичево 15, Прилеп 11, Охрид 9, Валандово 7, а Струга и Кочани по пет активни случаи. Потоа следи Кавадарци со четири активни случаи, а по три имаат Велес, Штип, Свети Николе, Берово и Радовиш. Пехчево и Гевгелија имаат по два активни случаи, а Делчево еден. Во Неготино, Ресен, Крива Паланка, Виница, Пробиштип, Богданци, Крушево, Демир Хисар, Демир Капија, Кратово, Македонски Брод, Македонска Каменица и Дојран немаат ниту еден активен случај во моментов.

Министерот за здравство Венко Филипче вчера изјави дека голем удел во бројот на новозаразени периодов имаат патниците кои доаѓаат од странство, а дали тие се носители на Делта варијантата се утврдува дополнително.

– Најдобра заштита против коронавирусот и сите досега појавени мутации се вакцините, а ние не можеме вечно да живееме со рестрикции, изјави Филипче, апелирајќи до граѓаните да бидат свесни дека треба да се вакцинираат.

Тој уште еднаш повтори дека и покрај порастот на новозаразени, засега нема да се воведуваат рестриктивни мерки. Можно е на есен евентуално да бидат воведени ограничувања и тоа само за невакцинираните граѓани.

– Не може да ни се повтори сликата од лани со сите тие заострени ограничувања, вели министерот Филипче.

Тој потенцира дека здравствениот систем во моментов е подготвен да одговори на евентуален нов бран на зараза

Од Министерството за здравство интензивно ги следат и анализираат препораките во однос на вакцинацијата. Можните сценарија, според Филипче, се да има препорака за трета доза на вакцини или вакцината да стане сезонска. Но, повеќе сознанија за тоа дали вакцината ќе стане сезонска или не, се очекуваат во септември или октомври.

Вакцинацијата во моментов се одвива непречено. Во тек е и теренска вакцинација. На вакциналните пунктови во државата и на терен досега се вакцинирани околу 520.000 граѓани.

Со последните бројки барем една доза вакцина имаат примено 63 отсто од населението над 70 години, 61 проценти од оние над 65 години, 55 отсто од граѓаните над 60 години, како и 45 проценти од лицата над 50-годишна возраст.

Веб-платформата vakcinacija.mk е отворена за закажување на термини за вакцинација и на деца. Ревакцинацијата се одвива во спортските сали во Кавадарци, Куманово, Тетово, Штип, Битола, Струмица, Охрид, Велес и Прилеп, како и во А1 Арена – СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје.

Министерството за здравство апелира до граѓаните да се вклучат во масовното вакцинирање, бидејќи само на овој начин ќе успееме да го победиме вирусот.

Лидерите на Светската здравствена организација, Светската трговска организација, Меѓународниот монетарен фонд и Светската банка колективно ги повикаа производителите на вакцини против Ковид-19 да им дадат приоритет на испораките за посиромашните земји.

Во заедничката изјава, тие порачаа дека земјите што се многу напредни во вакцинирањето против болеста треба брзо да обезбедат дози во корист на „помалку просперитетните нации“.

Повеќе од четири милијарди дози вакцини против Ковид-19 се веќе администрирани ширум светот. Во земјите категоризирани од Светска банка како држави со високи приходи, се инјектирани 98,2 дози на 100 лица, додека во 29 земји со најнизок стандард тој показател изнесува 1,6 на 100 лица.

Во светот досега со коронавирусот се заразиле околу 199 милиони лица, починале околу 4,2 милиони, а оздравеле околу 180 милиони луѓе.

На улиците на австралискиот град Сиднеј од вчера се распоредени војници, кои се задолжени за спроведување на рестриктивните мерки воведени поради Ковид-19.

Околу 300 војници вчера пристигнаа во Сиднеј на барање на државната полиција на Нов Јужен Велс. Тие ќе доставуваат и храна од врата до врата и ќе проверуваат дали се почитува карантинот, што е во сила до крајот на август.

Властите во Сиднеј се обидуваат да го запрат ширењето на делта сојот, откако од средината на јуни се регистрирани над 3.600 новозаболени лица.

Полска ја зајакнува безбедноста на пунктовите за вакцинација по два инциденти со подметнување пожар во еден од нив и обид на противници на вакцини да се инфилтрираат во друг.

Шефот на полицијата Јарослав Симчик рече дека бил подметнат пожар во мобилен центар за вакцинација и канцеларија што ја користи локалната епидемиолошка агенција во источниот полски град Замош. Нема жртви во пожарот.

Тој ги нарече инцидентите „крајно шокантни“ и најави дека ќе има „деноноќно“ обезбедување во центрите за вакцинација.

Владата ги охрабрува Полјаците да се вакцинираат. Речиси 50 проценти од населението е целосно вакцинирано, а анкетите покажуваат дека до една четвртина од Полјаците или се против вакцинација или се двоумат дали да се вакцинираат.

Иран вчера пријави рекордни 37.189 нови случаи на коронавирусот. Министерството за здравство на оваа земја соопшти дека бројката од 37.189 случаи на инфекција во претходните 24 часа претставува нов рекорд на новозаболени во едно деноноќие, Од нив вкупно се хоспитализирани 4.317 лица. Со ова бројот на заразени во Иран се искачи на 3.940.708. Вкупниот број на починати од почетокот на пандемијата достигна 91.407, од кои 411 само во претходното деноноќие.