Активни се 12 207 случаи во државава од кои најголем број 5714 се во Скопје. Во Тетово има 951 активен случај, во Куманово 937, во Гостивар 497, во Охрид 491, во Кичево 411, во Струга 364.
Според вчера објавените податоци од Институтот за јавно здравје, регистрирани се нови 525 случаи со Ковид-19 од 3858 направени тестирања. Пријавени се 18 починати лица, од кои 12 во изминати 24 часа, а шест со дијагноза Ковид-19 од „Мој Термин“ се со датум на смрт во период од 22 август до 19 септември 2021. Евидентирани се и 449 оздравени пациенти.
Министерот за здравство Венко Филипче вчера во телевизиско гостување рече дека засега нови рестриктивни мерки или некои препораки нема да има освен тоа што сега е како критериум за влез на настани, угостителски објекти и се бара најмалку една доза вакцина. Од средината на октомври, нагласи, ќе има мерка со која ќе може да функционираат само целосно вакцинирани граѓани.
Посочи дека станува збор за мерка која ја воведуваат сите земји во Западна Европа и за патување, за влез на граници, настани, угостителски објекти итн.
– Тоа што сега следиме и според што се водиме се препораки на меѓународни тела, искуства од некои други земји од Западна Европа, САД, Канада итн. и тука се јасни препораките дека постарите граѓани, тие кои сакаме да ги заштитиме затоа што тие имаат и најголем број хронични болести се таа категорија граѓани кои после шест месеци од примена втора доза вакцина ќе можат да примат трета вакцина. Повеќе студии во светот укажуваат на тоа дека значајно се зголемува ефикасноста односно дека е на некој начин буст на имунитетот кога ќе се прими и трета доза. Затоа сега почнуваме со граѓаните постари од 60 години, понатаму сите здравствени работници без оглед на возраста, а тоа е така поради тоа што тие се најмногу изложени на ризик да заболат и без оглед на возраста и пациентите кои имаат некаква форма на имунокомпромитација, рече Филипче.
Целта е, појасни министерот, да имаме што поголем процент на опфат со вакцинација кај нашето население, кое сега е околу 37 проценти на тоталната популација.
– Граѓаните над 40 години се вакцинирани над 50 проценти, меѓутоа сега интересот е на некој начин спласнат. Можно е во следниот период согласно новите препораките така како што ќе излегуваат и од регулаторните тела и исксуствата од другите земји и од студиите кои ќе излегуваат, да препорачаме трета доза и за други категории граѓани. Вирусот се шири најмногу кај невакцинираните граѓани. Над 86 проценти од сите новодијагностицирани, тие пациенти кои се во болница се невакцинирани. Огромен број смртни случаи се кај невакцинираните. Граѓаните мора да сфатат дека ова е единствениот начин да ги нормализираме животите, да се растовари здравствениот систем, а тие да го заштитат своето здравје, истакна Филипче.
Во врска со училиштата, потенцира дека тоа што го подготвуваат е на еден начин скрининг, имајќи предвид дека можно е децата да се и асимтоматски преносители на вирусот.
– И во таа смисла сега правиме план и со директорите на центрите за јавно здравје, на здравствените домови, кадарот, начинот на кој тоа ќе се направи, како да обезбедиме доволна бројка деца кои ќе се тестираат во сите училишта во сите градови, за да имаме еден пресек на состојбата врз основа на што можеби ќе пресретнеме и некој случаи кои се асимптоматски па ќе може да носиме некакви мерки и препораки. Дотогаш останува препораката дека согласно тоа дека има малку заболени деца тешко е да се каже дали има трансмисија во училиштата заради тоа што децата и после часовите често комуницираат, се дружат, одат на спортови итн, препораките остануваат исти, рече Филипче.
Министерството за здравство вчера ја објави анализата на вакцинирани од позитивни случаи со Ковид 19, во период од 6 август заклучно со 23 септември. За вакцинирани, како што се посочува, се сметаат лицата кои се вакцинирани со две дози и поминале најмалку 14 дена од примање на втора доза вакцина.
– Во период од 6 август до 23 септември на територија на државата 32.818 граѓани се позитивни од тестирани на Ковид-19, од кои 22 отсто биле целосно вакцинирани, односно 7248 лица. Голем е бројот на невакцинирани граѓани кои се заразиле со Ковид-19. Според статистика за изминативе недели, 25.570, 78 отсто граѓани, од позитивните на Ковид-19 не биле вакцинирани. Процентот на хоспитализирани лица кои се невакцинирани изнесува 80 отсто, додека само 20 отсто од сите моментално хоспитализирани пациенти се целосно вакцинирани. Смртноста кај невакцинираните е драстично поголема, покажува анализата.
Во период од 6 август до 23 септември, како што се наведува во анализата, починале 1033 лица со Ковид-19, 888 пациенти од починатите не биле вакцинирани, а само 14 отсто примиле вакцина.
– Според анализите, починатите имале повеќе комбинирани хронични заболувања. Пациентите биле вакцинирани со сите типови вакцини кои ги има на располагање кај нас, како и пациенти кои се вакцинирале во странство со вакцини на „Модерна“ и „Џонсон“. Секоја вакцина која ја имаме на располагање е безбедна, посочуваат од Министерството и апелираат граѓаните да се вакцинираат, бидејќи само така ќе дојдеме до колективен имунитет и ќе спречиме ширење на мутации на СарсКов2.