Премиерот Зоран Заев не бил во контакт со министерот Оливер Спасовски, кој е заразен од Ковид-19, но ќе се тестира дали е позитивен.

Во тек е епидемиолошка анкета за контактите кои Спасовски ги имал деновиве. По ова, како што објави ТВ Сител, ќе се знае точно кој ќе добие решение за домашна изолација. Доколку здравствените, стручни институции утврдат дека некој претставник на СДСМ треба да биде во изолација, јавноста ќе биде информирана за тоа.

Заев немал директни контакти со министерот, надвор од здравствените протоколи за лична заштита, но ќе направи тест на коронавирус, информираат за МИА од Канцеларија на портпаролот на Владата на Република Македонија.

– Напоменуваме дека сите контакти на министерот Спасовски биле со почитување на мерките за физичко растојание, носење заштитна маска и избегнување на групирања. Во однос на прашањето за контакти во Владата, потсетуваме дека седниците се одржуваат преку видео-конференциска врска, велат од владината прес-служба.

И од СДСМ велат ги почитувале сите протоколи за заштита:

– Секаде се почитувани мерките и протоколите за заштита на здравјето. Во однос на епидемиолошките анкети, тоа е задача на надлежните здравствени установи кои согласно процедурите ќе извршат анкети и согласно резултатите, ќе постапат зависно од наодите, е ставот на СДСМ, појаснува за МИА портпаролот на СДСМ Богданка Кузеска.

Сите активности во седиштето на партијата, потенцира таа, секој ден, се одржуваат согласно мерките за заштита од коронавирусот, вклучително и организацијата на дигиталниот Конгрес на партијата.

– Целосно се почитуваше задолжителното носење маска од сите присутни, освен за време на обраќањата, кои беа на драстично поголема дистанца од предвидената, постојана дезинфекција и достапни средства. Сите присутни беа на соодветна и доволна физичка дистанца, со постојано проветтрување на просторот и остојана дезинфекција на микрофоните, говорницата и другите површини во салата. Дополнително, пред влезот во салата на сите им беше измерена температура, согласно протоколите, вели Кузеска.

Министерот Спасовски синоќа преку Фејсбук објави дека е позитивен на тестот за Ковид-19.