Денеска е последниот ден за граѓаните да ги искористат домашните платежни картички за „Купувај домашно“.
Од 16 август како што информираат од банките средствата не може да се користат и неискористеното се должни да го вратат во државниот буџет. Можноста со платежни картички ја имаа преку 324.000 корисници во четири категории: социјално загрозените, вработените со низок доход, младите лица и здравствените работници ангажирани за справување со пандемијата. Неколку десетина илјади корисници беа и од Прилеп. На сметката на корисниците имало 28 милиона евра.
Дали сите ги искористија средствата и за што? Картичките беа дистрибуирани преку 9 банки. Од банките велат дека повеќе од 90 проценти платежни картички се подигнати. Останаа неколку проценти за кои не се знае од кои причини граѓаните не ги зеле.
Според Стевчо Димески, регионален директор на А.Д. Стопанска банка – Скопје, со седиште во Прилеп, банката учествуваше со околку една третина изготвени платежни картички.
– Останаа неподигнати неколку проценти, не се знае од кои причини. Инаку, според законот, во периодот по 15 август неискористените средства банките се должни да ги вратат во државниот буџет, вели Димески.
Но, за платежните картички имаше и преку 30.000 жалби од оние кои сметаа дека неправедно не добиле домашна платежна картичка. Само околу 10 насто од приговорите беа прифатени.
Во анкетата со граѓаните сите без исклучок одговорија дека знаат за последниот рок за користење на средствата е 15 август и ги искористиле државните пари. А за што најмногу ги потрошиле? – најголемиот дел велат дека парите биле наменети за прехранбени и основни продукти.
– Добив 9 000 денари и сите отидоа, за што друго, освен за храна. Малку залебивме. За тоа најмногу се троши, вели прилепчанец кој е стечаен работник.
– Ги потрошивме парите за храна, а и го искористивме и ваучерот за летување. Добар потег и немаше проблем, вели млад прилепчанец.
И од Државниот пазарен инспекторат потврдуваат дека граѓаните главно парите ги трошеле во маркетите за прехранбени и основни продукти. Според Стојко Пауновски, постојано се следела акцијата.
– За да нема неправилности уште во почетокот почнавме со опомени и едукација за стопанските субјекти за тоа што се домашни производи. Главно беше во ред. Инаку, грашаните, освен во трговијата можеа да трошат и во угостителството и занаетчиството. Можеше да се оди и на фризер и на козметичар, на пример, ни рече Пауновски.
Какви ефекти имаше од овој трет сет владини економски мерки. Според универзитетскиот професор од прилепскиот Економски факултет Димитар Николоски кој го анализира пазарот на трудот, домашните платежни картички се краткорочни економски мерки и имаат позитивни сигнали во јавната потрошувачка и во поттикнување на домашното производство.
– Од домашните платежни картички има повеќе бенефити во поглед на поттикнување на агрегатната побарувачка. Имено, се зголемува личната потрошувачка на населението што влијае врз подобрување на животниот стандард на населението. Со оглед на тоа што картичките се наменети за купување производи од домашни производители, исто така, се поттикнува и производниот циклус на компаниите, вели Николоски.
Николоски споменува дека сега, кога се најавува и економски и здравствено тешка есен, неопходни се економски мерки на среден и подолг рок. Тоа е голема обврска на новата влада. Инаку, како што вели Николоски,според податоците на Агенцијата за вработување се проценува дека од почетокот на кризата без работа останале повеќе од 20.000 работници. Сепак, за поточна оценка се чекаат податоците од Анкетата за работна сила за вториот квартал во 2020 година.
– Претходната влада реализираше неколку пакети мерки за брзо интервенирање со цел ублажување на последиците од кризата. Освен тоа, неопходно е правилно секвенционирање на политики со подолгорочни ефекти. Во овој контекст, пред идната влада се поставуваат големи предизвици за натамошни чекори за излез од економската криза. Прво, мора да има мапирање на најранливите категории население кои се долгорочно под опасност од невработеност и ниски приходи. За оваа категорија е неопходно креирање соодветна социјална програма за обезбедување загарантиран минимален приход комбинирана со соодветни активациски политики. Потоа, треба да има помош за креирање работни места во стратешките сектори што би требало да биде симултано поттикнато од фискалната и монетарната политика. Со оглед на неизвесноста за иден нов бран на епидемија, домаќинствата и компаниите се претпазливи. Затоа, потребни се мерки за враќање на довербата кај потрошувачите и кај бизнис секторот преку креирање бизнис-амбиент кој би ја инкорпорирал новата реалност. Владата треба да игра клучна улога преку поттикнување на побарувачката во градежниот сектор, реализацијата на инфраструктурни проекти и на други јавни работи. Посебен акцент треба да биде ставен врз активните политики на пазарот на трудот и асистирање во потрага по работа за да се обезбеди брза релокација и повторно вработување на работниците што ја загубиле работата. Со тоа би се овозможило брзо регрутирање на работници во секторите кои се во експанзија како резултат на пандемијата, на пример во здравството, прехранбена индустрија, објаснува универзитетскиот професор Димитар Николоски од приелпскиот економски факултет.
Ако според граѓаните малку „залебиле“ со платежните картички за „Купувај домашно“, а според експертите треба да се „засукаат ракавите“ за подолгорочни економски мерки, тогаш голем е предизвикот пред новата влада да ги санира големите економски дубиози од пандемијата.
Елизабета Митреска за МИА