Почнувајќи од 2016, со поддршка за 56 проекти, две изданија на меѓународниот филмски фестивал „Браќа Манаки” и пет изданија на фестивалот за документарни филмови „МакеДокс”, Креативна Европа Медиа Деск Македонија, го заокружува првиот циклус од четири години соработка и кофинансирање на македонските филмски проекти, во соработка со Агенцијата за филм.
За време на овој прв период 2016-2020, користејќи ги ресурсите на Креативна Европа Медиа, четири кино сали од Македонија станаа дел од мрежата Europa Cinemas. Во оваа мрежа се вклучени Кино Милениум, Кино Фросина, Кинотека на Северна Македонија и Центар за култура – Битола. Исто така, за време на овој период многу европски филмови беа дистрибуирани до македонскиот гледач и обратно, македонските филмови добија поддршка во дистрибуцијата.
– Она што беше клучно во овој прв циклус на соработка беше воспоставување и споделување на заеднички цели со Агенцијата за филм и запознавањето на филмските работници со суштината на Креативна Европа – Медиа. Медиа организираше работилници, тренинг програми и други видови на презентации и менторство. Македонските филмски работници научија како да ја користат оваа европска поддршка, која што ја користат и сите други европски филмски продукции. Многу европски филмови кои се хитови се продуцираат благодарение на под програмата Креативна Европа МЕДИА, а како илустрација, последниот оскаровец за странски филм „Уште една тура” е пример за таков филмски проект, наведоа од Креативна Европа – Медиа.
Од таму наведоа дека македонскиот филм забележал светски успеси, успеал да стане поим за земја од каде потекнуваат автентични филмски дела, и тоа, како што посочија, нè прави уште посигурни дека во наредниот период кога и поддршката ќе биде поголема, ќе имаме продлабочена соработка и се разбира уште поголем успех со македонската филмска продукција.
Новата програма на Креативна Европа 2021 – 2027 е со зголемен буџет кој изнесува 2.4 милијарди евра.
Во знак на заокружување првиот циклус, а во рамките на Денови на креативна Европа, МЕДИА организира низа на проекции на филмови кои се поддржани од МЕДИА и Агенцијата за филм. Проекциите ќе бидат во Скопје (МКЦ), Центар за култура – Битола, EU House Струмица и EU House Крива Паланка.