Кризниот штаб на Охрид бара воведување забрана за влез на граѓани од други општини на територијата на Охрид и да се зголеми контролата на жителите од Охрид при влез и излез од градот. Оваа превентивна мерка се бара за справување со коронавирусот.

– Ваквата мерка е неопходна непосредно пред Велигден, со цел да се намали, односно да се оневозможи посетата на градот за туристички, верски и рекреативни цели, објави на Фејсбук  градоначалникот Константин Георгиевски.

Од Кризниот штаб велат дека со ваква мерка ќе се спречи полнење на градот со жители од други градови кои имаат викенд-станови и куќи во Охрид.

– Барањето се заснова и на фактот што во Охрид и околните крајбрежни населби има голем број на викенд станови и куќи чии сопственици во периодот на Велигденските и првомајските празници, ги користат за одмор и викенд престој. Врз основа на најавите за поволните временски услови кои се очекуваат во текот на наредните две седмици, оваа мерка е навистина неопходна. Оваа мерка значително ќе придонесе и за намалување на ширењето на вирусот и заштита на граѓаните на Охрид, со тоа што ќе се оневозможи и редовна комуникација и фрекфенција на граѓаните од територијата на Општина Струга и селата од Струшкиот Регион каде што бројот на заболени од КОВИД-19 секојдневно расте. Ова особено се однесува на градежни работници кои работат на градежни објекти во Охрид, а потекнуваат од струшкото кризно подрачје, велат од охридскиот Кризен штаб.

Досега во Охрид има регистрирани четири заразени со коронавирус, а во соседна Струга 33.