Стана секојдневие дел од „црната хроника“ во полицискиот билтен на МВР да биде за нападнати граѓани од улични кучиња, но и од домашни миленичиња, како што се и денешните случаи во кои велешанка била искасана од две миленичиња, а маж во скопски Аеродром од улично куче.
Само во Скопје оваа година досега граѓани пријавиле 422 напади од кучиња, но реакции од асоцијациите и љубителите на животни има само кога несовесни граѓани ги напаѓаат кучињата, а не и кога деца, жени и мажи се искасани од истите.
Вчера на 09.08.2020 во 14.30 часот во Полициската станица Аеродром А.Н.(43) од Скопје пријавил дека на бул. „Кузман Јосифовски Питу“ бил каснат од куче скитник. Истиот ден во СВР Велес било пријавено дека на ул. „Ѓоре Шоптрајанов“ во Велес О.Т.(62) била касната од две кучиња – домашни миленици.
Според информациите од МВР секојдневно во просек по двајца граѓани пријавуваат дека биле каснати од куче на улиците, парковите и низ населбите во Скопје.
Град Скопје нема стационар за улични кучиња, според информациите од таму стационарот сѐ уште се реновира. Така, Скопје е град кој речиси година и пол има Јавно претпријатие за улични животни „Лајка“, кое беше формирано во април лани, а нема стационар. Тој во Вардариште беше затворен поради појава на заразни болести, а потоа почна реновирање на објектот, кое досега не е завршено.
Градоначалникот Петре Шилегов во повеќе наврати ветувал дека градот ќе добие стационар за бездомни животни.
– Градежните работи малку се одолжија поради Ковид-19. Финишираме и за многу кратко тој ќе биде пуштен во употреба. Кучињата ќе имаат подно греење, вентилација, комплетно реновирани боксови… Градот работеше и на програмата за третман на уличните кучиња, за решавање на овој проблем, вели Шилегов.
И додека Шилегов и Скопје финишираат со стационарот, билтенот на МВР продолжува да се полни со пријави од оштетени граѓани кои, ако тужат, добиваат отштета што ја плаќа Градот од буџетот што го полнат граѓаните. Истовремено страдаат и намножените улични кучиња кои неретко се мета на напади и труења од револтирани или несовесни граѓани.