За мене и моето семејство Македонија е многу важна, вели шведскиот фудбалски репрезентативец Дејан Кулушевски, по вревата која се дигна во нашата јавност по интервјуто за Спорт клуб на овој фудбалер на Тотенхем.

Едноставно фудбалерот кој потекнува од Македонија, не го говори македонскиот најдобро, пишува порталот Спорт медиа.

Кулушевски играше за македонската млада репрезентација, но сепак одлучи да игра за А-тимот на Шведска, за земјата во која е роден.

Вчера за медиумите во Англија, тој покрај другото го кажа и ова…

– За мене и моето семејство Македонија е многу важна. Како што вели мајка ми, ние никогаш нема да заборавиме од каде доаѓаме. Одам во Македонија секое лето, многу ми се допаѓа таму. Отсекогаш сум велел дека ако можам да играм и за Шведска и за Македонија тоа ќе биде најдобро. Но, морав да одберам, и јас ја одбрав Шведска затоа што јас во таа земја сум роден, вели Кулушевски.

Неговиот татко Стефан е роден во Шведска, но потекнува од Македонија, а неговата мајка Катица е родена во Македонија каде што е израсната, но подоцна се преселила во Шведска.