Македонија ги загрозува основните права на Бугарите утврдени со Европската конвенција за човекови права, како што се правото на здружување, собирање, слобода и слободно изразување на убедувањето, изјави денеска бугарскиот заменик министер за надворешни работи Костадин Коџабашев.

-Во таа насока, принудени сме да ја потсетиме земјата која е кандидат за членство во Европската Унија дека европската практика и законодавните иницијативи кои се однесуваат на правото на здружување, се водени од желбата да се олесни, а не да се попречи создавањето и функционирањето на граѓански организации и здруженија, истакна Коџабашев.

Тој нагласи дека согласно одлуката на бугарското Народно собрание од 24 јуни 2022 година, Бугарија ќе ја поддржи европската интеграција на С. Македонија само под услов доколку се гарантираат правата на Бугарите во земјата, додавајќи дека „последните законски измени во Скопје противречат на тој услов“.

Според него, крајно е неприфатливо да се користи наратив, вклучително и законодавни иницијативи со кои непринципиелно се искористуваат теми поврзани со фашизмот, антисемитизмот и тероризмот со цел да се ограничат основните права и да се влошат добрососедските односи.

-Категорично ги отфрламе обидите за наметнување селективни, еднострани и историски толкувања, додаде Коџабашев.

Тој потсети дека согласно Договорот за добрососедство создадена е посебна Комисија за „надминување на историските противречности“ и нејзините активности „не може да се заменат со ниту една новоформирана структура“.

Османи – Милков: Провокациите на поединци и групи не треба да ни ги загрозат добрососедството

Не треба да се дозволи провокациите на поединци и групи да ги загрозат добрососедските односи, заклучија министерите за надворешни работи на Македонија и на Бугарија, Бујар Османи и Николај Милков на денешната средба во Берлин одржана на маргините од министерскиот состанок на Берлинскиот процес.

– На средбата беа разгледани и бројните провокации од групи и поединци во двете земји, кои изминатиов период засилено доминираа во јавниот дискурс. Министрите посочија дека двете министерства ќе работат активно на зајакнување на добрососедските односи, како взаемен интерес на двете земји, и нема да дозволат провокациите да го нарушат овој процес, соопшти МНР.

Заеднички е нагласено дека продолжувањето на дијалогот преку средби, како и преку реализирање на конкретните проекти се единствениот пат кој ќе доведе до  промена на контекстот во кој се дејствува и се влог во создавањето блиски и пријателски односи меѓу двете држави и граѓани.

Во фокусот на ова е нивна прва средба, по назначувањето на министерот Милков на функцијата, во август годинава, беше исполнувањето на заедничките обврски од  Договорот за пријателство, добрососедство и соработка, како и остварената соработка во рамките на процесот на унапредување на односите меѓу двете држави.

Османи го информира Милков за досега реализираните обврски од наша страна со цел имплементација на одредбите од договорот. Меѓу другото, го издвои ангажманот на Меѓуресорска работна група за политичка координација на спроведувањето на мерките од Протоколот од Вториот состанок, со која координира министерот за надворешни работи, како и првите состаноци на тематските подгрупи.

Се разговараше и за регионалната соработка во контекст на европската перспектива на земјите од Западен Балкан, како најдобра гаранција во соочувањето со политичките, безбедносни и економски предизвици врз својот развој, соопшти МНР.