Должни сме да го заштитиме бугарскиот национален интерес во Македонија или како што е од скоро С. Македонија, која е втората бугарска држава во Европа, рече Костадин Костадинов, пратеник во Народното собрание на Бугарија.

Костадинов е пратеник од партијата Преродба, а ова го кажа на денешната прва седница од новиот бугарски парламент. Собранието ја прекина денешната свечена седница по двата неуспешни обиди за избор на претседател на парламентот, јави дописникот на МИА од Софија.

Пратениците утре ќе направат нов обид за избор на спикер на 48. Народно собрание на Бугарија за излез од политичката ситуација.

Предлогот за прекин на седницата дојде од претседателката на пратеничката група на ГЕРБ-СДС Десислава Атанасова.

Претседателот на Бугарски подем и поранешен технички премиер, Стефан Јанев, повика на одржување претседателски совет за избор на претседател на 48. Народно собрание. Тој предложи да се направи обид да се истакне единствена кандидатура за која ќе се дебатира и гласа на состанокот в четврток.