Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров денеска оцени дека обидите на ЕУ за посредувањето помеѓу Белград и Приштина пропаднале, додавајќи дека врз Приштина и се врши притисок однадвор, пред се од САД, за формирање сопствена армија.

– Очигледно е дека напорите на ЕУ пропаднаа, бидејќи Приштина одби да ги спроведе сите договори кои досега беа постигнати, изјави Лавров.

Рускиот министер за надворешни работи посочи дека ова се однесува пред се на формирањето на Заедницата на српските општини.

– Напорите на Приштина за формирање своја армија претставуваат најгрубо кршење на Резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на ОН. Покрај тоа, врз Приштина се врши притисок од надвор, а пред сè од САД, додаде Лавров.

По средбата со министерот за надворешни работи и меѓународна соработка на Комороските Острви, Мохамед Ел-Амин, Лавров истакна дека Русија ја поздрави „одлуката на Комори да го повлече признавањето на Косово“.

– Ние, секако, ја поздравуваме оваа одлука. Русија и во иднина ќе продолжи да се придржува кон одлуките донесени од страна на Советот за безбедност, а пред се Резолуцијата 1244 која предвидува дека Косово е дел од Србија. Сите чекори мора да се преземат во согласност со таа Резолуција, нагласи Лавров.