Со летниот распоред на летање, што стартува на 28-ми месецов, покрај новата авиолинија Скопје-Софија, на аеродромите во државава се враќаат неколку рути што функционираа пред ковид пандемијата. Се очекува и враќање на полски ЛОТ со линијата за Варшава. Истовремено со стапувањето во сила на летниот ред на летање, на Скопскиот аеродром почнуваат и градежни активности за обнова на пистата.

-Моментално, летниот распоред на летање од Меѓународниот Аеродром Скопје има 35 дестинации. Сите дестинации што ги имавме лани ќе продолжат, освен Москва, Санкт-Петербург и Киев. Иако како авиолинии беа пуштени првпат во ковид-кризата, во 2020 и 2021 година, во моментов овие три линии не се оперативни. Во овој летен распоред на летање се враќаат и неколку рути кои ги имавме пред ковид-пандемијата, но во текот на зимската сезона се’ уште не беа вратени. Друга авиолинија за која се надеваме дека ќе се врати, по завршувањето на рехабилитацијата на пистата, е Варшава, со полската авиокомпанија ЛОТ, која исто како и авиолинијата до Истанбул, се користеше од нашите патници како конекција за патувања до САД, вели во интервју за МИА Метин Батак, извршен директор на ТАВ Аеродроми.

Веруваме, како што дополнува, дека авиолинијата Скопје-Софија, која е новина во летниот ред на летање, ќе им даде уште поголем поттик на туризмот и економијата во земјава.

-Секоја авиокомпанија пред воведувањето на некоја линија прави детални анализи и проценки за нејзината одржливост, трошоците и приходите, така што верувам дека и во овој случај тоа не е исклучок, оценува Батак, прашан за одржливоста на новата авиолинија.

Тој истакнува дека  последиците од Ковид-19 кризата сѐ уште се чувствуваат глобално и оти се потребни уште најмалку две до три години за закрепнување на авиосообраќајот на светско ниво.

-Изминатите две години беа и се навистина предизвикувачки за авиосекторот. Почна со ковид-кризата, продолжува со глобалните политички и економски случувања. Сето ова влијае врз сите бизнис-сектори, вклучувајќи го и авиосообраќајот, така што брзите прилагодувања на секоја новонастаната ситуација се неопходни и се покажаа како клучни во целиот овој период. Постојат бројни предизвици со кои ТАВ Мaкедoнија успешно се носи, секогаш организирајќи ги процесите и условите за работа според највисоките глобални авијациски стандарди, за што доказ се и меѓународните признанија што ги добиваме, наведува Батак.

Во првите два месеца од годинава  на Меѓународниот Аеродром Скопје и Аеродромот Св. Апостол Павле Охрид се регистрирани  215 227 патници, што е пад од 29 проценти на вкупниот број патници споредено со бројките за јануари и февруари во 2019, како референтна година. Во однос на 2021 година, бројот на патници во првите два месеци оваа година е зголемен за 107 проценти. Бројот на летови пак, на двата аеродрома во првите два месеци годинава е 1.900, што е 46 проценти повеќе во однос на истиот период лани, но е за 26 проценти помалку во однос на 2019 година.