По дванаесет часовна расправа, полна со обвинувања, пред полноќ албанскиот Парламент со 75 гласови „за“ и без присуство на опозицијата го усвои законот за „Националниот театар“ со кој се дозволува уривање на објектот.

Предлог законот е усвоен благодарение на гласовите на двајцата пратеници од Партијата за правда и национално единство (партија на Чамите) и пратеникот Роберт Битри, кој неодамна ја напушти партијата Движење за социјалистичка интеграција.

– Повлечете го овој закон, овој грев кој сакате да и го направите на Тирана и на Албанија, изјави демократот Едмонд Спахо по што пратениците од опозицијата ја блокираа собраниската говорница.

Тие ја напуштија собраниската сала, фрлајќи кон премиерот Еди Рама со црвените картони кои служат за гласање.

Голем број глумци и претставници на невладиниот сектор беа собрани пред Парламентот, протестирајќи поради уривањето на објектот, изграден уште во времето на кралот Ахмед Зогу и се смета за една од најубавите и најзначајните градби, по која е препознатлива албанската метропола.

Лидерот на демократите, Љуљзим Баша усвојувањето на законот го нарече „антинационален потег“ и порача дека никако нема да се дозволи уривање на театарот, посочувајќи дека истиот „ќе го бранат со нивните тела“.

– Одлуката што ја донесе Еди Рама и неговата банда во Собранието е антинационална, антиисториска и срамна. Гласањето покажа дека Рама со своите ајдуци е во целосно единство за да ја ограбат Албанија. Ние ќе и покажеме на оваа банда дека власта е од народот, а не од самата себе, и нема да дозволиме никаков начин за уривање на театарот, ќе го штитиме дури и со нашите тела. Рама сега ќе сфати дека обединети граѓани се посилни од обединетите арамии, порача Баша по усвојувањето на законот.

За лидерката на втората по големина партија во земјата, опозициското Движење за социјалистичка интеграција, Моника Круемади законот е „уште една отворена кражба на државниот имот“.

– Рама со пари од дрога им ја затвора устата на медиумите, пратениците, обвинителите, полицијата, но не и на Албанците, обвини Круемади.

Законот сега е во рацете на претседателот Илир Мета.Тој во рок од 20 дена треба да го потпише или врати повторно во Парламентот.

Театарот е дело на италијанскиот архитект Џулио Берте, кој почнал да се гради во 1938 година по барање на албанското кралско семејство, а бил изграден следната година. Целиот комплекс „Национален тетар“ зафаќа површина од 13 илјади метри квадратни, од кои седум илјади му припаѓаат само на објектот, каде освен театарот има и библиотека, центар за преведувачи, информативен центар и слично.

Владата најавува изградба на нов објект за театарот на друга локација.