Борбата меѓу Новак Ѓоковиќ и Рафаел Надал во полуфиналето на Вимблдон е завршена. Но само делумно, бидејќи двајцата великани ќе продолжат денеска во 14 часот.

Мечот беше прекинат бидејќи лондонските правила се јасни и велат дека централниот стадион на Вимблдон има дозвола за работа само до 23 часот по островско време, односно до поноќ по средноевропско време. Иако, во тај-брејкот во третиот сет и двајцата ја минаа таа граница.

При тоа, законите во Англија не дозволуваат воопшто спортски манифестации по 23 часот.

Надал и Ѓоковиќ одиграа три врвни сетови. Предноста пред продолжението ќе има Ѓоковиќ кој води со 2:1 во сетови – 6:4, 3:6, 7:6 (11:9)

Двајцата требаше на терен да излезат околу 17 часот и 30 минути, но мечот започна околу 21 часот. Причина – маратонскиот дуел меѓу Изнер и Андерсон кој траеше неверојатни шест ипол часа и е најдолг натпревар одигран на Вимблдон на сите времиња.

Во петтиот сет тие одиграа 50 гемови, а победи Андерсон со 26:24.