Вечерва во 21:00 часот на стадионот „Ванда Метрополитано“ во Мадрид тимовите на Тотенхем и Ливерпул излегуваат еден против друг во најважниот натпревар сезонава – финалето во Лигата на Шампионите. Двата англиски тима како вистински гладијатори си отворија пат дотука, минувајќи низ еден куп тешки битки.

Особено изненадувачки за сите фанови ширум светот беше пласманот на Тотенхем во ова финале. На почетокот на сезоната малку луѓе претпоставуваа дека „петлите“ се способни на сличен подвиг. Маурисио Почетино сепак полека и постепено изгради еден многу солиден состав, кој може да се спротивстави на секој. Можеби фактот дека клубот не привлече речиси никакви нови играчи во последните години, всушност се покажа од корист на тимот, во кој се образува едно јадро од фудбалери кои се познаваат одлично и секој знае што треба да прави на теренот.

Тотенхем го започна тешко учеството во групите на Лигата на Шампионите и беше на влакно да не успее да излезе од својата група „Б“, откако беше со исти поени со Интер, но го надмина само поради подобри показатели. Потоа, сепак, лондонскиот тим добиваше на сила со секој следен натпревар. Тимот покажа и голем дух при отстранување на Манчестер Сити и Ајакс по два инфарктни дуели, а успехот над холандскиот гигант дојде буквално во последната секунда на дополнителното време.

Во исто време, Ливерпул беше меѓу фаворитите од самиот почеток. Тимот од Мерсисајд го ​​загуби финалето минатата година и сега е многу поамбициозен да запише успех на турнирот. Сепак, тие, исто така, почнаа несигурно во групата „Ц“ и се пласираа во елиминациската фаза, иако завршија со еднаков број на бодови со Наполи. После тоа, пулените на Јирген Клоп „додадоа гас“ и ги елеиминираа Баерн и Порто за да стигнат до историскиот судир со Барселона во полуфиналето. Тогаш се виде вистинскиот ливерпулски дух и „црвените“ подарија уште магична вечер на навивачите на „Енфилд“ со успехот со 4:0 над Каталонците и нивното отстранување, и покрај поразот со 0:3 на „Камп Ноу“ во првиот натпревар.

Сега за Тотенхем и Ливерпул следи многу поинаков натпревар. Двата тима добро се познаваат и можеме да очекуваме сериозно тактичко надмудрување меѓу Маурицио Почетино и Јирген Клоп. За време на сезоната во Премиер лигата тие веќе одиграа два натпревари меѓусебно, а во двата случаи Ливерпул победи со 2:1. Вкупните статистики, исто така, се во корист на тимот од Мерсисајд – 79 победи, 43 реми и 48 порази.

Тотенхем имаше доста проблеми околу составот, но последните вести од таборот на „петлите“ се позитивни. Ѕвездата на тимот Хари Кејн е опоравен и ќе биде спремен за натпреварот. Истото важи и за Хари Винкс, Дејвисон Санчез, Јан Вертонген и Дани Роуз, кои исто така имаа лесни повреди. Само Бен Дејвис е надвор од сметките.

Во Ливерпул, отсутен ќе биде Наби Кеита. Јирген Клоп треба да одлучи дали да се потпре на Жоржино Вајналдум на негово место во средината на теренот или да го претпочита искусниот Џејмс Милнер. Исто така, постои прашалник околу учеството на Роберто Фирмино, но Бразилецот е поверојатно да игра.

Лига на Шампиони, Финале:

Тотенхем – Ливерпул

Можни состави:

Тотенхем: Лорис, Трипие, Алдервеирелд, Вертонген, Роуз, Винкс, Сисоко, Ериксон, Али, Сон, Кејн

Ливерпул: Алисон, Александар-Арнолд, Матип, Ван Дијк, Робертсон, Фабињо, Хендерсон, Вајналдум, Салах, Фирмино, Мане.

Стадион: „Ванда Метрополитано“, Мадрид
Судија: Дамир Скомина (Словенија)
Почеток: 21:00.