Претседателот на Венецуела, Николас Мадуро вчера изјави дека прекинувањето на дипломатските и политичките односи со САД нема да влијае на продажбата на нафта на таа земја, јави агенцијата Анадолија.
Мадуро им се обрати на новинарите во претседателската палата во Каракас и притоа рече дека односите со САД се „повеќенасочни“.
На прашањето дали Венецуела ќе продолжи да им продава нафта на САД, Мадуро истакна дека ќе продолжи продажбата доколку Американците сакаат да ја купуваат нивната нафта.
– Ги прекинавме дипломатските и политичките односи со американската влада. Но, ќе продолжат нашите односи во други области. Ако сакаат да купуваат компири, ќе им продаваме компири. Ако сакаат нафта, ќе имаат и нафта. Ако ништо не сакаат да купуваат, ништо нема да им продаваме, рече претседателот на Венецуела.
Протестите во Венецуела почнаа на 10 овој месец, на денот кога претседателот Мадуро положи заклетва и го почна вториот мандат на функцијата шеф на државата.
Опозицијата во Венецуела не ја признава власта на претседателот Мадуро, а лидерот на опозицијата Хуан Гуаидо се прогласи за привремен претседател.
Мадуро тврди дека станува збор за обид за државен удар поддржан од САД, кои отворено застанаа на страната на опозицијата и Гуаидо.
Покрај САД, опозицијата на Венецуела во преземањето на власта ја поддржаа Бразил, Аргентина, Канада, Чиле, Колумбија, Костарика, Еквадор, Гватемала, Панама и Парагвај. Од друга страна, Турција, Иран, Боливија, Мексико и други земји и натаму го признаваат легитимитетот и ја поддржуваат власта на Мадуро.