Бугарски медиуми за кои се знае дека се дел од официјалната бугарска пропаганда почнаа да шират дезинформации дека таткото на Ива Михаилова, Симеон кој 11 години се крие во Бугарија бегајќи од затворска пресуда бил невин и дека е жртва на прогон во Македонија.

За Симеон Михаилов од Кочани сè уште е активна меѓународна потерница за тешки кривични дела распишана од македонското Министерство за внатрешни работи.

Тој се бара за издржување затворска казна од 12 години и 6 месеци за кривични дела поврзани со случајот „Детонатор“, кои вклучуваат обид за убиство, злосторничко здружување и насилство. Случајот стана актуелен сега затоа што иако е во бегство, Михаилов се појави во живо на за време на протест пред македонската амбасада во Софија. Тој излезе во јавност за да ја брани својата ќерка, Ива Михаилова, на која во Кочани ѝ се суди за сообраќајна несреќа со смртни последици.

По неговото лоцирање во Бугарија, премиерот Христијан Мицкоски јавно побара од бугарските власти да го екстрадираат. Тој апелираше соседната земја да постапи во духот на сојузништвото и партнерството во рамките на НАТО.

Михаилов претходно веќе еднаш беше во бегство и во 2014 година беше екстрадиран од Италија, по што повторно успеа да побегне од државата. Судскиот процес „Детонатор“ е еден од најголемите случаи против организираниот криминал во источна Македонија. Процесот започна по опсежната истоимена полициска акција на МВР во 2012 година.

Криминалната група беше обвинета дека со години го тероризирала локалното население, а процесот опфати злосторничко здружување и рекетирање на локални бизнисмени, обид за убиство, нелегално коцкање преку организирање диви коцкарници, изнуда, насилство, трговија со дрога и шверц на фалсификувани евра од Бугарија.

Кон крајот на 2013 година, Основнот кривичен суд во Скопје изрече строги затворски казни за вкупно 15 лица:

Симеон Михаилов и Сашко Стојчов првично беа осудени во отсуство на доживотен затвор како организатори и извршители на обидот за убиство. По низа жалбени постапки и повторени судења, казната на Михаилов подоцна беше преиначена на правосилни 12 години и 6 месеци затвор. Жан Железарски, кој важеше за еден од водачите на групата на терен, доби казна затвор од 14 и пол години.

Останатите членови на групата добија затворски казни во времетраење од една до повеќе години во зависност од нивната улога.

Случајот предизвика голем политички и институционален потрес. Поради поврзаност и замижување пред криминалот на групата, веднаш по акцијата беа сменети десетици полициски началници и командири во полициските станици во Кочани, Виница и Штип.

Симеон Михаилов е правосилно осуден на 12 години и 6 месеци затвор за три конкретни кривични дела. Обид за убиство е клучниот деликат во неговиот случај. Тој беше осуден како дел од групата која организираше и изврши атентат со поставување бомба активирана од далечина под возилото на Драганчо Стоименов (познат како Дацо Белски, поранешен телохранител на Сашо Мијалков) во скопската населба Аеродром.

Злосторничко здружување е вториот деликт кој го сторил како еден од клучните луѓе во кочанската криминална група „Детонатор“, тој е осуден за здружување со цел вршење тешки кривични дела, кои вклучуваа изнуда, рекетирање и нелегално организирање коцкање.

Таткото на Ива е осуден и за вршење на физички и психички терор, закани и насилство врз оштетените лица и сведоците во Кочани и регионот.

Првично, Кривичниот суд во Скопје му изрече доживотен затвор, но по низа жалбени постапки и повторени судења, Апелациониот суд ја преиначи и намали казната на правосилни 12,5 години затвор. Пресудата сè уште не е отслужена бидејќи тој избега од земјата непосредно пред таа да стане правосилна.

Симеон Михаилов успеа повторно да побегне од Македонија благодарение на правна дупка и судска одлука со која беше пуштен да се брани од слобода непосредно пред пресудата да стане правосилна.

Хронологијата на неговото второ бегство:

Екстрадиција во притвор: Откако во 2014 година италијанските власти го екстрадираа во Македонија, Михаилов веднаш беше спроведен во притворска единица. Таму го чекаше исходот од жалбените постапки, со оглед на тоа што првично беше осуден во отсуство.

Укинување на притворот: Во текот на повторената судска постапка, пред Апелациониот суд да ја донесе конечната одлука и да ја преиначи казната во 12,5 години затвор, судот донесе одлука да му го укине притворот. Тој беше пуштен да го чека крајот на судењето од слобода.

Оваа одлука му овозможи целосна слобода на движење. Само пет дена по излегувањето од притвор, а непосредно пред пресудата да стане правосилна и извршна, Михаилов повторно ја искористи шансата и избега од државата.

По ова второ бегство, македонските власти повторно распишаа меѓународна потерница по него, а дури во септември 2026 година официјално се потврди дека тој со години се криел во Бугарија.