Македонката Емилија Лиза Стерјова стана најмлада градоначалничка на општината Вителси (Whittlesea) во австралискиот град Мелбурн во сојузната држава Викторија, објави Светскиот македонски конгрес.
Таа за првпат беше избрана за советник во Советот на Општина Вителси во ноември 2016 година и е досега најмлада избрана советничка во Советот на општината. Од ноември 2017 до ноември 2018 година Емилија Стерјова беше заменик на градоначалникот на општина Вителси.
Општина Вителси има 197.500 жители, годишно се доселуваат по околу 8.000 нови жители. Општината има Совет од 11 советници кои волонтерски ја вршат советничката функција. Советниците се избираат со мандат од четири години, а градоначалникот го избира Советот од редот на советниците за време од една година.
Стерјова по потекло е Македонка, се залага за подобрување на транспортната и патната инфраструктура во општината, како и за подобрување на услугите за младите и обезбедување на поголема поддршка на групите и нивните клубови на локалните заедници.
Таа е член на Советот на Фестивалот за народна музика во Вителси, член е на Комитетот на Средното училиште за капелани во Вителси и член на Групата за младинско управување на Вителси. Во моментов е пред дипломирање на студии за право и меѓународни односи во Индонезија.
Светскиот македонски конгрес во објавата на Фејсбук и посака успешно остварување на доверениот мандат.