СВР Битола информира дека од страна на пиротехничар од Дирекцијата за заштита и спасување Битола било пријавено е дека на место викано Тумбе кафе, во поранешната касарна во Битола биле пронајдени и безбедно подигнати над 1.400 парчиња бомби и гранати од Првата светска војна.
Станува збор за 540 парчиња минофрлачки гранати, 371 рачни бомби и 532 тромблонски гранати, сите од Првата светска војна.
Од Дирекцијата за заштита и спасување во Битола, за МИА потврдија дека акцијата за истражување, откривање и отстранување на неесклподирани материјали од Првата светска војна ќе биде прекината заради високите дневни температури и ќе продолжи во месец септември до кога се очекува вработување на уште еден пиротехничар кој ќе се придружи на единствениот пиротехничар во овој регион.
Местото на Тумбе кафе, каде што беа пронајдени и безбедно подигнати откриените бомби и гранати е обезбедено и забрането за движење.
Граната тешка 45 килограми пронајдена во Вардар кај Неготино
Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) успешно реализираше интервенција за безбедно отстранување неексплодирана артилериска граната од 155 милиметри, тешка околу 45 килограми, од Првата светска војна. Oпасната граната беше пронајдена во атарот на селото Пепелиште, Општина Неготино.
-Поради непристапниот терен и локација на неексплодираното убојно средство во коритото на реката Вардар, интервенцијата беше реализирана во сложени услови. Со логистичка поддршка од Територијалната противпожарна единица – ТППЕ Неготино, којашто обезбеди чамец за пристап до локацијата, а пиротехничарот на ДЗС, Ѓорѓи Стефанов, безбедно ја извлече гранатата, по што таа беше транспортирана и обезбедена до нејзиното конечно уништување на Армискиот полигон „Криволак“, информираат од ДЗС.

ДЗС упати благодарност до ТППЕ Неготино за професионалната соработка и навремената поддршка, а истовремено апелира до граѓаните ако пронајдат и забележат сомнителни експлозивни средства, да не ги допираат и поместуваат, туку веднаш да ги пријават на единствениот повикувачки бесплатен број за итни случаи 112.




