Пица-академијата на Зоран Јовановски за една година од своето постоење стана една од најпрепознатливите академии каде што за доста кратко време може да се научи занаетот на правење пици.
Веќе сите знаат за почетоците на Јовановски, кој се врати во Македонска Каменица и ја отвори познатата пицерија, а потоа започна со работа и првата академија во која голем број луѓе од сите генерации научија како се прави популарната наполитанска пица.
Оние што ја следат вашата работа сигурно би ги интересирало колкав беше интересот за една година од вашето повторно враќање во Македонска Каменица, колку луѓе го испекоа занаетот и започнаа на некој начин своето парче леб да го заработуваат од правењето пица.
– „Accademia Pizzaioli Macedonia“ да се потсетиме работи со лиценца на првото италијанско училиште за обука на пица-мајстори во светот. Имавме цел да обучиме околу 50-60 пица мајстори за првите две години. Позитивно е што еве по првата година стигнавме до бројот 40. Изненадувачки е тоа што покрај возраста на тие што го завршија курсот беше од 14 до 50 години, имавме луѓе од цела Македонија, но и од странство, како Србија, Словенија, Австрија, Норвешка, имаше дури и еден нашинец од Италија. Двајца туниски државјани имаа голема желба да дојдат да се обучуваат кај нас, но не успеаја поради визни проблеми. Да кажам дека не е потребно никакво претходно знаење за да дојдате да ве обучиме професионално да правите пица и сè што оди со тоа, така што многу лесно ќе стигнете до профитабилна работа, вели Јовановски.
Она што беше планирано, а што во рамките на нашиот разговор Јовановски сакаше да го сподели со јавноста е тоа што „Accademia Pizzaioli Macedonia“ отвори нов центар за обучување пица-мајстори во Шведска. Поради корона-кризата работата на извесно време се одложи, но сепак го запрашавме Јовановски што практично тоа ќе значи за него и неговата работа, како го доживува овој негов личен голем напредок, кој е и напредок воопшто за самата академија.
Околу работата во Шведска, обуката што ќе се одвива таму и како паралелно ќе се одвиваат работите во Македонија и во Шведска Јовановски со одговор:
– Како што кажавте „Аccademia Pizzaioli Macedonia“ е веќе препознатлив бренд, не само во Македонија туку и надвор. Иако мојата идеја за отворање пица-училиште во Скандинавија е уште од поодамна, оваа година со претседателот на „Аccademia Pizzaioli“, г. Енрико Фама, договоривме јас да добијам лиценца да отворам нов центар во Шведска, иако неа ја бараше многу познат шведски пица-шеф. Моето искуство, знаење и стаж беа пресудни, со што сум многу горд. Новиот центар се наоѓа во Стокхолм во ресторан Бродернас. Со подобрувањето на ситуацијата со кризата обуката ќе биде иста како и кај нас, значи основен курс што трае пет дена или 40 часа, но ќе има и курсеви за безглутенска пица, наполетана и роман-стил пица. Сертификатите ќе се добиваат од Италија и бидејќи има голема побарувачка за пица-мајстори, секој што ќе го посети курсот веднаш ќе може да започне со работа. Замислено е пиците што ќе ги подготвуваат учениците да се продаваат по мимимална цена додека трае курсот. Со ова јас ќе бидам единствениот инструктор од „Аccademia Pizzaioli“ што има две школи во две различни држави, што за мене лично претставува голем успех. Значи секој може да се пријави на курсот и ние не само што професионално ќе го обучиме да работи каде било во светот, туку и им даваме поттик на заинтересираните да добијат верба во себе и помагаме за полесно да најдат вработување. Има опција освен во Стокхолм да се прават курсеви и во Гетеборг, но сè уште не сме прецизирани бидејќи понудата ја добив неодамна. Сепак, за сето ова сите заинтересирани навремено ќе бидат информирани, вели пица-инструкторот од Македонска Каменица.
Јовановски во изминатиот период е чест учесник на реномирани кулинарски натпревари, па затоа следното наше прашање беше насочено во насока дали веќе некои од неговите ученици имале можност да тргнат по стапките на својот учител и да бидат дел од некое престижно кулинарско натпреварување.
– Да, јас имам учествувано на многу меѓународни и интерконтинентални натпревари каде што ја претставував Македонија и се имам закитено со златни медали и признанија. Сега веќе во 2021 година ќе бидам и судија на шведскиот пица-шампионат, а се надевам дека ќе добијам покана и од други натпревари. Еден од моите ученици досега се има натпреварувано минатата година на Гастро Мак во Охрид и зеде златен медал, додава Зоран.
Во изминатиот период, како што додава Јовановски, неочекувано многу се зголеми интересот за изучување на занаетот во Македонија. Моментално се пополнети сите курсеви до средината на јули, а се одржуваат секоја недела.
Оние што имале можност да се стекнат со сертификат со кој практично ќе можат да најдат вработување секаде во Европа се и битолчанецот Горан Петровски и младиот Андреј Лазаревски, кои веќе подготвуваат пици според рецептот на Јовановски.
– Како моја долгогодишна неостварена желба, благодарение на господинот Зоран со неговата идеја да отвори една ваква академија во нашата земја, ја искористив шансата да се стекнам со диплома. Имав некое претходно аматерско познавање, меѓутоа овде добив една наобразба од тоа кој тип брашно се прави, колкава треба да биде количината и составот. Научив дека изработката е различна во зависност од временските услови и од самата потреба на самата пицерија. Научив како се изработува тестото, за неговото созревање, правењето на пицата, па сè до печењето. Значи една комплетна едукација, која, за наша среќа, имавме можност да ја добиеме овде во Македонија, а наскоро и во Шведска. Не сум планирал никогаш професионално да се занимавам со правење пици, но сега веќе имам некои идеи, затоа што ова е наобразба што треба да се искористи, вели Горан Петровски од Битола.
Им порачува на сите да пробаат и да се пријават за обука, бидејќи е задоволен од тоа што го научил. Занаетот е доста лесен, но на секого различно му одат овие работи, вели Андреј Лазаревски, еден од помладите учесници во курсевите кај Зоран.
Јовановски апелира до сите што се двоумат да почнат со овој занает, бидејќи да се биде пица-мајстор во денешно време е една од најбараните професии. Покрај тоа што лично за себе ќе знаат да подготвуваат пица, која е еден од најбараните производи во рестораните, ќе можат да отворат и сопствен бизнис, кој во време на безработица би можел да ги спаси од беспарицата.
Валери Спасевски за МИА