Заменик министерот за животна средина Јани Макрадули се скара и со бројките. Тој не верува во мерните станици кои не биле под државна капа и смета дека има драстично намалување на загадувањето во државава.

Иако не поминува ден, кога Скопје, но и другите поголеми градови не се меѓу првите 30 најзагадени места според светската листа на „Аирвижуал“, тој на граѓаните им порачува да не користеле нерелевантни инструменти, или како што ги нарече алатки од Алиекспрес. Тие само создавале паника кај граѓаните.

„Факт е дека има драстично намалување на загадувањето претходната недела кога имаше магла немавме екстремно вискои концентрации. Анализите во сите држави се прават податоците од државниот мониторинг кои се служат со инструменти кои чинат пари. Креирањетио на политика со „алиекспрес сензори“ може само да создаде паника кај граѓаните“, изјави Макрадули- заменик министер за животна средина.

И додека министерот се прави слеп и се потпира само на податоците на државниот мониторинг, светската страна која го мери загадувањето во светот „Аирвижуал“ денеска Скопје го рангираше на 25-то место на листата најзагадени градови во светот.

Додека во изминативе месеци често македонските градови беа и меѓу првите 10. Според аргументите на Макрадули, излегува дека сите меѓународни мерења, освен неговото, се нерелевантни.

Од друга страна, незадоволството кај активистите за животна средина се повеќе расте, тие се револтирани особено по одлуката на јавното обвинителство кое откако спроведе предистражна постапка одлучи дека нема доказ за незаконско работење во Дрисла.