Законот за заштита на пределот на Матка и законот за заштита на Парк шумата Водно се во завршна фаза на изработка и со нив ќе се регулираат зоните на строга заштита во овие подрачја, изјави денеска заменик-министерот за животна средина Јани Макрадули пред почетокот на работилницата „Подготовка на Национален интегриран план за енергија и клима (NECP)“ за периодот 2020 – 2030 година.

– За Матка е во понапредна фаза, завршено е зумирањето, подготвени се сите документи и се надевам брзо ќе влезе во владина процедура, изјави Макрадули.

Тој, одговарајќи на новинарско прашање за дивоградбата на Матка, рече дека дивоградбите ги оценува како негативни што влијаат на природата, како недозволиви и нешто што мора да се регулира и како Министерство за животна средина укажуваат за заштитата на природата како најзначајна компонента во зачувувањето на околината на Скопје.

Во тој контекст посочи дека согласно законот што е во изработка ќе биде строго регулирано што може да се гради на Матка и на Водно.

– Законот за Матка е во понапредна фаза, завршено е зумирањето, подготвени се сите документи, и се надевам брзо ќе влезе во владина процедура. Истото тоа очекувам до крајот на годината да го направиме и за Водно, за конечно да се стават на законска основа, што се може да се прави, што не во овие природни убавини, рече Макрадули.

Истакна дека со законските одредби ќе се дефинираат зоните, која зона ќе биде за строга заштита, која е за активно управување, и која е за одржлив развој.

– Во секоја од различните зони ќе можете нешто да правите. Зонирањето е завршено и се надевам законот брзо ќе дојде во владина процедура. Истото ќе важи и за Водно. Ќе постојат заштитени зони во кои нема да може ношто да се прави, додека во други ќе може да се интервенира за рекреација и за објекти, додаде Макрадули.

Инаку, како што во повеќе наврати пишувавме, шумата на Водно е искасапена поради трасата која на гасоводот кој се гради од Скопје за Тетово и Гостивар, а во срцето на Матка во Скопје беше дивоизградена платформа за подготовка на угостителски објект. За таа дивоградба, откако медиумите ја отркија, институциите со денови се натегаа кој е надлежен кој не. И си ја префрлаа одговорноста.