За тој што не работи нема потреба да зборуваме за реформа, тој што не работи едноставно нема што да бара во администрацијата, изјави денеска министерот министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски, коментирајќи го повисокиот износ во буџетот за плати и нови вработувања во администрацијата и најавите за реформи на администрацијата.
– Со буџетот за следната година е предвидено зголемување платите на вработените во администрацијата за пет проценти, ќе има и нови вработувања, но тие секако ќе треба да го следат трендот на излез на администрацијата. Имаме превработеност во администрацијата, но и недостаток од професионален кадар. За тоа мора да најдеме решение со мерки и политики кои ќе не доведат до тоа, изјави Манчевски.
На крај на следната година ќе има понуда до дел од вработените во администрацијата да заминат во приватниот сектор, а тоа, според Манчевски, ќе биде доброволно за тие што ќе ги прифатат критериумите.
Ќе дадеме, најави Манчевски, поголема плата, но и ќе бараме многу повеќе работа. Администрацијата мора да стане ефикасна служба на граѓаните и се додека граѓаните не го сменат мислењето за администрацијата имаме проблем, нагласи Манчевски, укажувајќи дека тоа ќе се направи со дигитализација на процесите и со реорганизација.
Критериумите според кои се утврдува квалитетот на работата на административните работници се утврдени во одредбите на Законот за административни службеници. За тој Закон, и за Законот за вработени во јавниот сектор на почетокот на следната година ќе биде отворена дебата за измени, но тие, според Манчевски, не се во насока на постапките за утврдување на квалитетот на работата на административците.
Пеце Груевски, претседател на Синдикатот на вработените во управата и правосудните органи, вели дека во поглед на изјавите околу наводниот вишок на јавната администрација како Синдикат се малку затекнати бидејќи во првичните преговори со новата Влада и од јавните изјави на ресорниот министер и на премиерот им било кажано дека ниту еден јавен службеник од јавната администрација нема да биде отпуштен од работа.
Според Груевски, Синдикатот на УПОЗ досега нема информации дека некој од членството сака да премине во реалниот сектор. – Ќе бидеме во тек со овој процес и се надевам дека ќе имаме коректни разговори со ресорното Министерство бидејќи искуствата покажуваат оти реформите на јавната администрација се прават повеќе години и во исклучителна соработка со Синдикатот. За нас како Синдикат и она што можеме да влијаеме е првин да се избориме за правата на нашите членови и за секој вработен да има социјална сигурност односно да го задржи работното место, изјави Груевски.
Како што вели, не знае дали администрацијата е преобемна, но во секојдневното работење се соочиле со укажувања од членството дека четири шалтери опслужуваат 2000 граѓани.
– Имаме коректни преговори досега во поглед на потпишување на колективниот договор и се надевам дека во натамошната постапка ќе бидеме вклучени, но како Синдикат во однос на натамошната постапка околу вишокот работници ќе се залагаме исклучиво членовите на Синдикатот да ги зачуваат своите работни места. Со сите законски решенија кои ќе се нудат се залагаме за подобри права на административните службеници, дури и за оние кои не се членови би требало да се заложиме за социјална сигурност или задржување на работното место ако не во таа институција во некоја соодветна, изјави Груевски, одговарајќи на новинарски прашања пред јавната расправа за новините во Законот за инспекциски надзор.