Македонската академија на науките и уметностите на 20. Изборно собрание што се одржа денеска за редовни членови ги избра Марјан Марковиќ во Одделението за лингвистика и литературна наука, Драги Ѓоргиев во Одделението за општествени науки, Александар Димовски, Сашко Кедев и проф. д-р Димитар Ефремов во Одделението за медицински науки.
За дописни членови на МАНУ се избрани проф. д-р Веселинка Лаброска и проф. д-р Лилјана Макаријоска во Одделението за лингвистика и литературна наука, проф. д-р Сашо Цветковски во Одделението за општествени науки, проф. д-р Дијана Плашеска-Каранфилска во Одделението за медицински науки, проф. д-р Зоран Хаџи-Велков во Одделението за технички науки, проф. д-р Валентин Мирчески во Одделението за природно-математички и биотехнички науки и проф. д-р Венко Андоновски во во Одделението за уметност.
За членови надвор од работниот состав на Академијата се избрани проф. д-р Татјана Вендина во Одделението за лингвистика и литературна наука, проф. д-р Жозеф Глигоров во Одделението за медицински науки, проф. д-р Наташа Јоновска и проф. д-р Панче Наумов во Одделението за природно-математички и биотехнички науки.
Новиот академик Ѓоргиев е македонски претставник во мешовитата македонско-бугарска комисија за историски и образовни прашања, чии досегашни одлуки предизвикуваа бурни реакции во Македонија, како кај стручната јавноста, така и кај граѓаните.
Комисијата има редовен состанок утре и задутре, а на дневен ред се забелешките дадени од бугарската страна за средовековниот период за македонските учебници по историја за седмо одделение. На дневен ред на комисијата е, како што беше најавено ако има време, и македонскиот великан Гоце Делчев.