Бојан Маричиќ е министерот кому му било кажано дека е можно дека Сашо Мијалков планира бегство. Тој ова самиот го призна денеска и потврди дека за тоа слушнал во петокот, кога беа завршните зборови за случајот „Таргет –Тврдина“.

Рече дека оваа, како што ја нарече „гласина“ ја слушнал на неформална средба со јавен обвинител (Вилма РУскоска), кога му било посочено оти постојат шпекулации, дури и како чаршиски муабет, дека е можно такво нешто.

Поради тоа, министерот за правда рече дека не чувствува никаква одговорност.

-Како човек што води сериозна институција, му укажав на обвинителот дека треба да се проверат гласините, бидејќи не ми беше соопштено кој е изворот, односно тоа беше зачувано како податок што не ми е достапен ниту, пак, ми го кажа обвинителот. Замолив да се проверат тие наводи и доколку тоа има основа и се потврдат тие гласини, обвинителството да ги преземе потребните мерки, изјави Маричиќ.

На прес-конференцијата непосредно пред Мијалков да се појави пред Обвинителството по исчезнувањето, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски рече дека на еден член на Владата исто така му било кажано од јавн обвинител во петокот дека Мијалков планира бегство, но на инсистирање на новинарите да каже име, тој рече дека наскоро ќе се дознае.