Сега е вистински момент Европа да го направи потребниот чекор за зачувување на вредностите кои се темел на Унијата, и да донесе политичка одлука во однос на проширувањето,  порача заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ на регионалниот настан во Париз во рамки на иницијативата „Балкански дијалози“ во организација на францускиот Сенат.

-Војната во Украина е последен повик за Европската Унија и нејзината политика за проширување со земјите од регионот, а за тоа е потребно силно лидерство и политичка одлука, која нема да се бирократизира, рече вицепремиерот на регионалната иницијатива, чиj домаќин е францускиот Сенат.

Како што соопшти СЕП, вицепремиерот пред присутните истакна дека оваа година е клучна за дефинирањето на политиката за проширување, од која регионот очекува придвижување на процесот на евроинтеграции и потврдување на неговата европска иднина.

– Ако Унијата не одговори на овој повик и С. Македонија и Албанија не добијат датум за почеток на преговорите, тогаш цел Западен Балкан се остава на страна, без јасна перспектива и со можност за други надворешни влијанија, посочи Маричиќ.

Според Маричиќ, тоа не е во интерес на проевропските влади, како нашата, туку тоа е во полза на оние кои го негуваат рускиот наратив дека ЕУ е неуспешна приказна и истакна дека одолговлекувањето и одложувањето на одлуките не дадоа ништо позитивно и дека веќе неодложно е обединувањето на Западен Балкан со ЕУ.

-Верувам дека Европа ќе ја покаже нејзината најголема сила, а тоа е нејзиното единство, и ќе докаже зошто е глобален лидер, со пресврт во евроинтеграцискиот процес, кој веќе е неодложен, истакна вицепремиерот Маричиќ, стои во соопштението.